Вујовиќ со своја дијагноза за Металург и македонскиот ракомет

Дерби

18/10/2018

14:40

1.785

Големина на фонт

а а а

Веселин Вујовиќ по втор пат оваа сезона гостуваше во Скопје со својот нов тим, Железничар од Ниш, при што по првиот пораз од Вардар сега замина дома со полн плен освоен против младиот тим на Металург.

На прес конференцијата по натпреварот Вујовиќ го нагласи своето незадоволство од играта на неговиот тим.

– Му благодарам на Металург за коректната и фер плеј игра. Имавме проблем со исклучувањето на Вејин, немаме ростер за да поднесеме такви работи. Дополнително направивме многу грешки, а и судењето беше „таму-ваму“, па така не бевме задоволни ниту ние, ниту Металург. Бевме подобри за еден гол, но не сум задоволен од играта,- оцени Вујовиќ.

Како поранешен тренер на Вардар со кој имаше големи успеси и ривалство со Металург и Червар, Веселин Вујовиќ се осврна и на ситуацијата во која се наоѓа домашниот клуб.

– Се надевам дека Металург ќе остане голем тим каков што беше, и дека ќе се среди се, за доброто на македонскиот ракомет. Овој тим на Металург е премногу млад за да може да издржи да игра во Лигата на шампионите и во СЕХА. Добро е што се појави проект како Работник, добро би било ако и Пелистер биде силен. Има тука добри млади играчи на речиси сите позиции, но сериозен проблем е што недостига издефиниран играч кој ќе го наследи Кире Лазаров,- додаде Вујовиќ.

Претставник на играчите од Железничар беше Андрија Маџар, кој оцени дека нивниот тим добро функционирал само во првото полувреме.

– Во првото полувреме ги изработивме сите поставени задачи. Но, по исклучувањето на Вујин игравме тешко и правевме грешки. Сепак, најважни се бодовите и победата. Ова е втора победа по ред за нас, многу ќе ни значи за самодовербата и се надевам дека ќе продолжиме во ист ритам. Честитки за Металург за добрата игра. Пред нив сигурно е светла иднината, затоа што имаат млади играчи, па ако работат, резултатите ќе дојдат сами по себе,- рече Маџар.



Спонзорирани линкови

Маркетинг