Вес Мичел му пиша на Мицкоски: Разочарани сме од ВМРО-ДПМНЕ

Макфакс

16/10/2018

18:08

6.439

Големина на фонт

а а а

Американскиот помошник државен секретар, Вес Мичел, испрати писмо до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во кое наведува дека САД се разочарани од позициите на челниците на ВМРО-ДПМНЕ, како во однос на референдумот, така во однос и на чекорите во Собранието за промена на Уставот.

Мичел го повикува Мицкоски да создаде простор, во јавноста и приватно, за пратениците од коалицијата да одлучат како ќе гласаат за уставните промени, ослободени од закани од насилство, одмазда, или друг облик на принуда.

Во продолжение интегрално го пренесуваме писмото:

Како што веќе разговаравме, САД силно веруваат дека Договорот од Преспа помеѓу Македонија и Грција е историска можност за Македонија да обезбеди посветла иднина и да придонесе кон регионалната безбедност, стабилност и просперитет. И покрај тврдењата дека можел да се постигне некаков “подобар договор”, ние не веруваме дека тоа е можно. Овој договор бараше компромис и од двете страни. Тоа е прилика што веројатно нема да се повтори со години, ако не и со децении.

Нема да Ве изненади што ние сме разочарани од позициите на челниците на ВМРО-ДПМНЕ како во однос на референдумот, така и во врска со чекорите во Собранието за промена на Уставот. Уште од осамостојувањето на Македонија, граѓаните од сите заедници и партии, вклучувајќи ја и Вашата, силно го поддржуваат пристапувањето на земјата кон НАТО и кон ЕУ. Сега Собранието е на ред да го преземе следниот, одлучувачки чекор. Ве поттикнуваме да создадете простор, во јавноста и приватно, за пратениците од Вашата коалиција да одлучат како ќе гласаат за уставните промени, ослободени од закани од насилство, одмазда, или друг облик на принуда.

Ова е историски важен момент за Вашата земја, момент што бара храбро лидерство и зрелост. Како вистински пријател и поддржувач на Македонија, Ве поттикнуваме да ги тргнете настрана партиските интереси со цел унапредување на заедничките стратешки интереси и обезбедување на посветла иднина за вашите граѓани во европското семејство на народи.



Спонзорирани линкови

Маркетинг