Александре Лаказет конечно проработе во Арсенал онака како што тоа го правеше во француската Лига 1 во дресот на Олимпик Лион, па со своите партии и голови, полека ги освојува симпатиите меѓу навивачите на клубот од Северен Лондон.
Францускиот напаѓач игра во фантастична форма на стартот на новата натпреварувачка сезона и делува фасцинантно под водство на Унаи Емери, а во ситуација кога се претвори во лидер во нападот на Арсенал, Лаказет е интересен и за домашните медиуми.
Давајќи изјава за францускиот весник „Ле Прогрес“, Лаказет излезе со интересна теорија за навивањето во Премиер лигата, јасно спуштајќи ги на земја англиските фанови кои себеси се сметаат за едни од најдобрите и најстраствените.
– Ми недостасува атмосферата во Лига 1. Во Англија, навивачите повеќе се гледачи, отколку поддржувачи. Атмосферата е многу подобра на стадионите во Франција, тука нема никаков сомнеж, – вели Лаказет кој пак се радува на одличната врска која ја има со Пјер Емерик Обамејанг кој во принцип треба да биде негов ривал за напаѓачката позиција.
– Имаме навистина фантастичен однос, тој е како мој брат. Зборуваме секој ден и се радуваме што работиме заедно. Сакам да ја истакнам и работата на новиот тренер, Унаи Емери е одговорен за одличниот старт на сезоната кој го има тимот, – додава Французинот.