И пратеникот Љубен Арнаудов излегува од притвор

Макфакс

16/10/2018

16:58

1.654

Големина на фонт

а а а

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Љубен Арнаудов, обвинет за настаните од 27 април, излегува од куќен притвор. Од скопска Апелација за „Макфакс“ потврдија дека тој ќе се брани од слобода со 300 илјади евра гаранција. Одлуката е правосилна. Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција велат дека решението за Арнаудов сè уште не стигнало кај нив.

Скопска апелација му ја прифати гаранцијата на Арнаудов, откако претходно кривичниот совет на кривичниот суд го одби ваквото барање.

Арнаудов денеска, по одложувањето на судењето за 27 април, пред Судот изјави дека никој го нема известено за амнестија или какво било помирување. На прашањето дали би гласал за уставните промени во замена за амнестија, Арнаудов изјави дека амнестијата е политичка одлука, нема никаква поврзаност со судот и дека за уставните промени ќе одлучи исклучиво во интерес на државата.

Денеска му беше укинат куќниот притвор и на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Василевски, кој, исто така, е обвинет за настаните од 27 април во Собранието. Тој ќе се брани од слобода со гаранција од приближно 400 илјади евра.

Предметот за пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски, по барањето да се брани од слобода со гаранција е пред кривичниот совет на скопска единица. За в четврток, пак, ќе има јавна седница во Апелациониот суд за обвинетиот Јане Ченто на која ќе бара да излезе од притвор со 530 илјади евра. На ист начин од притвор се спаси и Митко Чавков кој понуди гаранција од над 600 илјади евра.



Спонзорирани линкови

Маркетинг