Кривичен суд: Условите за судење не се совршени, но се основни за да може да се работи

Макфакс

16/10/2018

16:56

1.036

Големина на фонт

а а а

Условите за работа не се совршени, но се обезбедени основните услови за работа предвидени со Законот, реагира кривичниот суд по денешното рочиште за настаните од 27 април, кое беше одложено за утре поради технички проблеми за сослушување на загрозениот сведок во новата зграда на Основниот суд Скопје 1.

„Ги разбираме реакциите на одбраната поврзани со условите во кои работи судот. Но условите се тие, не се совршени, но, ги обезбедуваат основните услови за работа предвидени со Законот. Во таа смисла не го оправдуваме напуштањето на судницата од страна на бранителите“, велат од кривичниот суд.

Од таму додаваат дека, сепак, во интерес на обвинетите кои побараа нивните адвокати да бидат присутни на расправата на која ќе се сослушува загорзениот сведок, судечкиот совет расправата ја одложи за утре. 

„Како не би дошло до ново одолговлекување на постапката судот дополнително обезбеди и бранители по службена должност кои исто така ќе присуствуваат на расправата. Потребно е да се напомене дека со оглед да се работи за притворски предмет и судот е должен да ги почитува правата на обвинетите за судење во разумен рок, а воедно и зошто на денешната расправа беше обезбеден загрозениот сведок, судењето од новата зграда, каде заради технички проблеми не можеше да се одржи, беше преместено во старата зграда се со цел да се продолжи со работа“, се вели во соопштението. 

Од Судот соопштија и дека по излегување на адвокатите од судницата, еден од обвинетите се извинил на Судот за однесувањето на бранителите и напоменал дека обвинетите не се со ништо виновни за ваквиот однос на адвокатите и не се согласува со истото. 

Судот, исто така, ги повикува адвокатите да дадат придонес за расправата да продолжи во најдобар ред и истите да се сконцентрираат на излагање на одбраната, а не на условите за работа, да не вршат опструкции на судењето и своеволно да го напуштаат и да ги оставаат обвинетите без соодветна одбрана.

Денеска судијката Добрила Кацарска ги отстрани од судницата адвокатите на обвинетите во случајот за 27 април и ги казни со по 1 000 евра. Причина за исфрлањето, како што велат адвокатите, е тоа дека од страна на судијката биле обвинети дека го нарушуваат редот во судницата откако се побуниле на лошите услови за работа.



Спонзорирани линкови

Маркетинг