Мобилните телефони денес претставуваат првенствено статусен симбол, а дури потоа се уреди кои што ни овозможуваат да комуницираме и слично.
Тогаш, замислете каков ефект би оставил телефонот за кој што на своите пријатели би можеле да им се пофалите дека сте го направиле самите вие? Токму проектот “MakerPhone” наскоро ќе ни го овозможи тоа.
Станува збор за “Kickstarter” проект кој што веќе има собрано шест пати повеќе пари од побараната сума. Станува збор за проект за „самоизградба“ на мобилен телефон. Во ред, нема самите да го направите целиот телефон со сите компоненти, но сепак факт ќе биде дека самите вие сте го составиле.
За околу сто долари, ќе добиете матична плоча, куќиште, ЛЦД екран, бежичен модул, процесор, тастери и останати „ситни“ делови потребни за составување на мобилниот телефон.
За целиот процес во кој што вие самите ќе го составите телефонот, ќе биде потребно и малку лемење, но важно е да се истакне дека не е потребно искуство од електроника, па телефонот ќе може да го состави секој што внимателно ќе го следи упатството.
Со овој телефон ќе може да се извршуваат само основните функции како што се телефонски разговори, испраќање на СМС пораки или играње на популарната „Змија“ игра. Сепак, со оглед на тоа што станува збор за отворена платформа, со малку програмирање во Python, може и да се прошират функционалностите на телефонот.