Essential Products Inc. е стартап кој што го води еден од основачите на оперативниот систем Андроид, Енди Рубин.
Рубин ќе остави на страна бројни проекти за да се сконцентрира на развојот на неговиот прв паметен телефон кој ќе работи на вештачка интелигенција и ќе испраќа пораки наместо корисниците.
После низата не неуспеси и разочарувачката продажба на претходниот телефон, од компанијата Essential на Рубин сега ја напушта идејата за производство на нов паметен телефон затоа што тој производ е премногу сличен на сите останати на пазарот.
Поради тоа, Рубин сака на пазарот да понуди нешто сосема ново – телефон кој што нема да наликува на актуелните паметни телефони, би имал мал екран и ќе биде потребно корисниците да имаат интеракција со уредот со користење на гласовни команди.
Идејата на Рубин е телефонот чија што основа ќе биде вештачката интелигенција, да се користи за закажување на состаноци или да одговара на мејлови и текстуални пораки, а секако, корисниците би можеле и да телефонираат преку уредот.
Планираниот уред би можел да биде последната надеж на Essential да се пробие на пазарот со мобилни телефони на кој што доминираат Samsung и Apple.
Еден ваков мобилен телефон, според компанијата, би станал „дигитална верзија на корисникот“, што значи дека корисникот би можел да ужива во животот, додека телефонот ги врши сите потребни задачи кои што ќе бидат во неговиот домен. Според Рубин, со самото тоа би се решил проблемот со зависноста од мобилните телефони.
Засега, освен овие описни податоци за новиот проект на Essential, нема никакви други официјални или конкретни информации.