Уште една жртва на фемицид, Хелсиншки бара да се третира како посебно кривично дело

Макфакс

16/10/2018

16:15

988

Големина на фонт

а а а

Поттикнати од последниот случај на фемицид кој се случи во Мала Речица, Тетовско, во кој сопругот си ја застрелал сопругата со пиштол по што таа веднаш починала, имаме силна потреба да потенцираме дека во случајот се работи за родово-базирано насилство кое резултира со убиство, односно фемицид извршен од интимен партнер.

Од 2008 до 2016 година, регистрирани се 70 фемициди од кои 15 се случиле само во периодот 2013-2016. Секоја втора жена во Македонија е жртва на психичко насилство, секоја четврта жена е жртва на физичко насилство, а секоја седма жена е жртва на сексуално насилство. 78% од жртвите на физичко насилство се жени додека 98% од сторители на семејно насилство се мажи.

Фемицидот во Македонија сè уште не е дел од законската рамка како посебно кривично дело и затоа се третира како обично убиство. Од овие причини МВР нема официјални податоци за бројот на фемициди во земјата, а посочените бројки се неофицијално регистрирани случаи (постојат индиции дека бројот на фемициди е далеку поголем). Потенцираме дека најчесто фемицидите се резултат на претходно продолжено насилство на кое жената била изложена и за таа цел апелираме ова да биде дополнително истражено од страна на јавното обвинителство.

Хелсиншкиот комитет се залага и застапува за донесување на посебен Закон за родово базирано насилство, препознавање и предвидување на фемицидот како посебно кривично дело во Кривичниот законик и имплементација на Конвенцијата на Советот на Европа за превенција и борба против насилството врз жената и семејното насилство, позната како Истанбулска конвенција, која има правно-обврзувачки карактер.



Спонзорирани линкови

Маркетинг