Хелсиншки реагира поради исклучување на јавноста од рочиштето за „27 април“

Макфакс

16/10/2018

16:13

751

Големина на фонт

а а а

На денешното рочиште за предметот „27 април“, кој се води пред Основниот суд Скопје 1 Скопје, а на кое рочиште требаше да се распраша заштитениот сведок на ОЈО, судечкиот совет соопшти дека ја исклучува јавноста, по барање на ОЈО, наведувајќи само дека е врз основа на член 354, без притоа да прецизира точно која од причините утврдени со овој член е причина за исклучување на јавноста.

Со тоа на сите присутни како јавност, вклучително и на набљудувачите од Хелсиншкиот комитет за човекови права и од други домашни организации кои ја следат оваа судска постапка, не им беше дозволено да го мониторираат денешното рочиште и распитот на заштитениот сведок. Сепак, судечкиот совет повикувајќи се на членот 355 став 2 од ЗКП дозволи да останат набљудувачите на Мисијата на ОБСЕ и на Амбасадата на САД во Скопје, со образложение дека истите имале соодветни протоколи за доверливост, се вели во реакцијата на Хелсиншкиот комитет.

Според нив, ваквата одлука на судечкиот совет за овој судски предмет претставува повреда на начелото на јавност на постапката, кое е едно од основните начела за гаранција на правото на фер судење.

,,Законот за кривична постапка јасно и прецизно го уредува начелото на јавност на постапката и со членот 353 ст. 1 утврдува дека главната расправа во кривичната постапка е јавна, а по исклучок (член 354) јавноста може да се исклучи ако е тоа потребно заради чување на државна, воена, службена или важна деловна тајна, чување на јавниот ред, заштита на приватниот живот на обвинетиот, сведокот или оштетениот, заштита на безбедноста на сведокот или жртвата и /или заштита на интересите на малолетно лице.

Во конкретниов случај судечкиот совет при објавата на решението за исклучување на јавноста не ги утврди и образложи точните причини за исклучување на јавноста наведени во членот 354 од ЗКП.

Распитот на заштитен сведок, сам по себе, не може да биде причина за исклучување на јавноста, токму од причина што безбедноста на сведокот е загрозена истиот е ставен под заштита и се испрашува во постапката според одредбите за распит на заштитен сведок (членови 228, 229, 230 и 338 од ЗКП). Со самото тоа што идентитетот на сведокот е заштитен (член 229) и истиот не се распрашува со директно присуство во судската сала туку преку технички уреди за пренос на слика и тон и замаглување на неговиот лик и глас ( член 230) се заштитува и гарантира безбедноста на заштитениот сведок. Од тие причини и законодавецот не одредил исклучувањето на јавноста да биде правило секогаш кога ќе се испитува заштитен сведок”, смета Хелсиншки.

Тие додаваат дека имајќи ја предвид чувствителноста и заинтересираноста на јавноста за овој предмет, од голема важност е јавноста постојано да биде вклучена и соодветно информирана за текот на постапката. Хелсиншкиот комитет за човекови права е организација која повеќе години врши мониторинг на судските рочишта со цел да ја следи законитоста во постапувањето на судовите, како и правилно и навремено известување на јавноста за актуелни судски постапки.

,,Поради тоа ваквата одлука на судечкиот совет, Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија ја смета за незаконска одлука со која се повредува правото на фер судење и начелото на јавност на постапката како неизоставна компонента на ова право и како гаранција за фер и законито постапување на судовите. Хелсиншкиот комитет укажува дека во иднина јавноста треба да биде исклучена само и единствено кога се исполнети условите изречно прецизирани во членот 354 од ЗКП и во ниеден друг случај”, се додава во реакцијата.



Спонзорирани линкови

Маркетинг