Членот на Комисијата за рибарство и дивеч во Ајдахо, Блејк Фишер ја згрози јавноста откако сподели фотографии на кои позира со семејство павијани и други животни кои ги убил за време на лов во Африка.
Фишер и неговата сопруга убиле најмалку 14 животни во Намибија судејќи според фотографиите кои ги испрати на 100 е-маил адреси. Помеѓу убиените животни се и жирафите, леопардите и разни видови на антилопи.
Тој на критиките одговори дека не направил ништо илегално, неетички и неморално. Поранешниот член на оваа комисија Фред Тревеј го повика на оставка.
Јавноста е згрозена и ја доведува во прашање неговата пресуда и способност да остане член на комисијата, бидејќи на фотографиите покрај 4 мртви тела на павијани се смее, додека се гледа крв на нивното тело. Ги убил со помош на стрела и лак.
"Убив цело семејство павијани", напишал Фишер во е-маилот со фотографијата која ја приложил.
Фишер се наоѓа токму во комисијата која управува со популацијата дивечи низ прописите за лов и риболов.