Андријана Јаневска: Луѓето беа во „кафез“, а животните слободни

Точка

15/10/2018

10:38

6.712

Големина на фонт

а а а

Многумина се сликаат пред познатата сиднејска Опера Хаус, но јас ја имав таа среќа и можност таму да настапувам како солист во 2006 година. Немам зборови да го опишам чувството-раскажува Андријана Јаневска за Чекинг и ве носи во земјата на кенгурите, преку океанот, кај што живеат голем број Македонци.


[Кенгурите можат да се видат на банкнотите на оваа земја, комерцијални производи и на Кралското австралиско воздухопловство]

Каков е менталитетот на луѓето?

- Со оглед на тоа што во Австралија скоро сите се потомци на колонијални доселеници, особено Британци и Ирци. Имате впечаток дека сте во Велика Британија, се зборува на австралиско –англиски, кој е сличен на британско- англиски. Луѓето се убаво дотерани и љубезни.

Што е вообичаено таму, а необично за нас?

- Се вози на левата страна. Уште во 2000 година имаше мажи кои одеа на работа со тротинет.


Австралија има карактеристична природа, разновиден животински свет?

- Поради староста, некарактеристичниот распоред на вода и долготрајна географска изолација, австралискиот жив свет е разновиден и уникатен. Таму е вообичаено да сретнете клунар, кенгур, коала, ему, динго, исто како што кај нас е вообичаено да видите овци покрај некој пат. Така, додека се возев со воз од Канбера кон Сиднеј, кенгурите беа вообичаена глетка. Со оглед на тоа што двапати ја посетив зоолошката градина во Мелбурн, видов многу животни. Навистина вреди да се посети. Таму луѓето се во кафез, а животните шетаат низ огромни пространи живеалишта. Кога бев во февруари, на тргнување во Македонија беа измерени -20 степени, а за 24 часа во Австралија ме дочекаа цели 40 степени! Кога бев во август, речиси цело време врнеше. Природата е уникатна и си ветив дека морам да ја посетам Австралија пак!

Што посети од туристички атракции?

- Во Австралија бев двапати, во 2000 и 2006 година. Првиот пат бев во Мелбурн и Сиднеј, а вториот пат во Мелбурн, Сиднеј, Канбера и Волонгонг. Во 2000 година бев цел август, а во 2006 бев цел февруари. Ја имав таа среќа да ја видам Австралија и зиме и лете и бидам со луѓе кои можат да ме прошетаат и да ми ги покажат убавините на местата во кои престојував. Во 2000 година бев на отворањето на Олимпијадата. Тоа е едно од нештата кои нема да ги заборавам. Во Канбера го посетив парламентот кој е навистина огромен и импресивен. Во Мелбурн двапати бев во зоолошката градина, како и на тениските терени каде се одржува Австралија опен.


Незаборавна случка?

- Многумина се сликаат пред познатата сиднејска Опера Хаус, но јас ја имав таа среќа и можност таму да настапувам како солист во 2006 година. Немам зборови да го опишам чувството. Му посакувам на секој музичар да го доживее тоа. Исто така, имав прилика да излегувам речиси секоја вечер, па можам да кажам дека ноќниот живот е извонреден! Од огромни дискотеки, до мексикански забави, вечера на некој облакодер низ Сиднеј, или на црвено винце покрај реката Јара во Мелбурн. Изборот е бескраен!

(А.В)



Спонзорирани линкови

Маркетинг