Со каква мисла тргнуваш на патување, така и ќе си поминеш. Ако не си со големи очекувања, ќе има повеќе изненадувања. Музичарот Александар Ристовски - Принц со најубави спомени раскажува за патувањето во Сицилија, со семејството и не може поинаку и со вас споделува свежи импресии од летово.
- Па, јас сепак би го издвоил последниот одмор, како најсвежо сеќавање и заеднички доживувања со целото семејство. Тоа се двете недели поминати на Сицилија.
- Првата недела сместени близу Сиракуса, од каде што имавме можност да го шетаме јужниот дел на островот и втората недела сместени близу Палермо, од каде што го шетавме северниот дел. Поминавме скоро 2000 км за 15те дена. Да не ги набројувам сите места, бидејќи се многу. Ако треба да издвојам, тоа би била Сиракуса, Трапани и Кастеламаре ди Голфо. Единствено Катанија ни беше мало разочарување. Запуштен и нечист град.
Веднаш на аеродромот изнајмивме кола за околу 150 евра за двете недели. Патиштата добри, но сообраќајот во градчињата знае да е малку стресен.
[Сиракуса ]
- Прекрасни плажи, места, услуга, ......и на наше изненадување, многу малку странци што посебно ни се допадна. Веројатно и затоа се беше на такво ниво, бидејќи на домашните гости не би можеле да им протнат лоша услуга.
- Јас сум лежерен тип, тешко се возбудувам на случки, повеќе го паметам чувството кое го имам во моментот. Тоа можеби децата повеќе би знаеле да кажат. Веројатно би било проведениот ден во тематскиот парк Етналенд.
- Целата забава во Италија е поврзана со и околу јадење. Прекрасна храна, прекрасно кафе, иако сеуште ќе кажам дека учениците подобро кафе прават од професорите, а тоа е кафето во Албанија.
- Ако си маанџија сегде ќе најдеш мана, ние бевме да уживаме релаксирани од големи очекувања, можеби и затоа си поминавме толку убаво.
- Па, јас не го пробав иако цела Сицилија го јадеше, а тоа беше Џелатобургер, како хамбургер со сладолед. Изгледа прашање на време е кога и тука ќе се појави.
- Првпат патував со Визаир и би размислил дали повторно. Многу деградирачки моменти има во нивното функционирање. Од самата компанија, до вработените на аеродромите.
(А.В)