Вера Калин: Го запознав народот кој не ја трга насмевката од лицето

Точка

09/10/2018

11:26

9.336

Големина на фонт

а а а

Шестмесечниот престој во Сеул, Јужна Кореја, каде успеала да посети повеќе дестинации и низ Кореја и низ околните земји: Јапонија, Кина, Хонг Конг го извојува како незаборавен за Чекинг, Вера Калин, прогласена за најчитана македонска авторка во нашата земја пред две години.

Што не смееме да пропуштиме да видиме доколку ја посетиме Кореја? 

- Самиот начин на живот и искуственото доживување на овие земји е она коешто е најпривлечно. Па така, ако треба да составам листа на нешта коишто би ги препорачала, конректно за Кореја (таму останав најдолго, цели 5 месеци) би го препорачала следново:

· Прошетајте се по плажите на островот Џеџу, во Кореја;

· Искачете се меѓу колоритните градби на селото Букчон во Бусан;

· Јадете риба на рибниот пазар во Бусан (ако одите навечер, може да се најадете и за 5 долари!);

· Разгалете си ги сетилата и наполнете ги торбите во некоја од многуте продавници за козметика во Мјонгдонг (не ги заборавајте маските за лице!);

· Дочекајте го изгрејсонцето танцувајќи во некој клубовите во Хонгде;

· Напијте се Соџу, седејќи на пластичните столчиња пред некоја маалска продавничка (Соџуто не е шега, запрете на третото шише);

· Јадете пилешки крилца од Хо-Чикен во 2-3 наутро;

· Или хот дог (во оризово лепче) со шеќер и сос од топено сирење;

· Прошетајте се низ улиците на Гангам (слободно потпевјувајте си ја Гангам Стајл);

· Изнајмете Ханбок (корејска традиционална облека) и направете магични слики во палатата Гјонгбокгунг.


Основна вредност во Кореја?

- Во Кореја почитта е една од основните вредности. Постои одредена колективна свест, што ја прави земјата многу безбедна. Па така, не е воопшто чудно кога некој го остава својот лаптоп и други вредни работи на масата во кафулињата во кои учи/работи кога оди во тоалет, или пак вашите нешта да ви бидат вратени доколку случајно ги изгубите во метро. Во Кореја нема турканици и преминувања преку ред ниту кога се чека за автобус или метро. Луѓето секогаш плаќаат подавајќи ги парите или картичките со двете дланки (во знак на почит), не се спротивставуваат на постарите од нив (возраста е особено важна) и се постојано насмеани и љубезни. Освен постарите госпоѓи, кои некогаш знаат да бидат малку груби – особено ако случајно седнете на некои од местата во метро или автобус коишто се стари лица и бремени жени..


Незаборавна случка?

- Секој ден претставуваше нов, незаборавен спомен. Она на коешто се сетив во моментов се неколкуте настани на кои стотици луѓе се прскаа со пиштоли на вода по улиците на Улсан и Сеул, како и посетата на Loveland, едно од најчудните места каде што некогаш сум стапнала (треба да го видите за да разберете). Сеул не спие. Секој момент од секој ден е време за Соџу и Мекџу (мешавина од пиво и Соџу).

Што ти сметаше?

- Колку што беше примамлива, колективната свест беше онаа којашто најмногу ми пречеше. Особено затоа што доаѓам од дел на светот каде што е сосем нормално да се преиспитува реалноста во која живееме и да се дискутира за секакви ситници. Во Кореја тоа го нема. Барем не кај поголем дел од луѓето. Образованието и релативното оценување ги прават луѓето премногу компетитивни. Корејците ги минуваат најубавите години учејќи и учествувајќи на секакви курсеви, секции, настани, но не затоа што сакаат, туку затоа што им требаат сертификати. Потоа го минуваат времето на факултет меморизирајќи го секој збор од книгите и презентациите, зашто само ако имаат добри оцени ќе можат да најдат добра работа. Повеќето луѓе се научени да живеат во мали станови без балкони, да ја работат работата како што се бара од нив, и да го обликуваат животот според она што им го наложува општеството. Не велам дека нивната скромност и послушност е погрешна, ама за човек којшто доаѓа од Македонија (а и за останатите од Европа и Америка), е во најмала рака - чудна.


Специјалитет кој треба да се проба?

- Самгјопсал (корејска скара), Шабу-шабу (варено месо со зеленчук), Манду, Бингсу (или попознато како „бричен мраз“, вид на корејски десерт), Bubble Tea (и покрај тоа што името му е „чај“, можете на секој пијалок да додадете „меурчиња“), Бибимбап (омилената храна на странците заедно со Шабу-шабу и Самгјопсал), пржено пилешко (неверојатно е колку вкусови може да пронајдете!), Кимчи палачинка, Кимчи Чиге (чорба од кимчи), јапонски рамен, и уште многу многу нешта! А за оние похрабрите... пробајте жив октопод.

Искуство кое го понесе од таму?

- Една мисла: светот е премногу голем и разновиден за да тврдам дека веќе сум го пронашла вистинскиот начин на којшто треба да се живее животот.




Спонзорирани линкови

Маркетинг