Прослава на приврзаниците на „Бојкотирам“ пред парламентот

Макфакс

30/09/2018

20:22

4.883

Големина на фонт

а а а

Пред Собранието на РМ започна прославата на приврзаниците на движењето „Бојкотирам“, кои се собираат по информациите за слабиот одѕив на референдумот.

Неколку стотици граѓани поддржувачи на „Бојкотирам“ со песна ги слават резултатите од референдумот за промена на името на Република Македонија. Граѓаните со транспаренти и знамиња во рацете извикуваат: „Слободна Македонија“.

Дел од присутните заиграа и оро пред Собранието, а можеше да се забележи и лидерката на партијата „Глас за Македонија“, Солза Грчева, партија која беше дел од Кризниот штаб против референдумот.


Државната изборна комисија (ДИК) на најновата прес-конференција соопшти дека на денешниот референдум до 18.30 часот на гласање излегле 34,09 отсто од вкупно запишаните во Избирачкиот список.


На булеверот пред македонскиот парламент наместена е бина за говорници поради што е блокиран сообраќајот, а може да се забележи и големо полициско обезбедување.




Спонзорирани линкови

Маркетинг