Македонија гласа на референдум за промена на името – право на глас имаат 1.806.336 граѓани

Макфакс

30/09/2018

09:26

2.981

Големина на фонт

а а а

Започна референдумот во земјава на којшто гласачите ќе можат да се изјаснат на прашањето „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО, со прифаќање на договорот на Република Македонија и Република Грција?“ со заокружување „за“ или „против“.

Право на глас имаат еден 1.806. 336 гласачи запишани во Избирачкиот список. Се гласа на 3.748 избирачки места кои ќе бидат отворени од 7 до 19 часот. Државната изборна комисија и за референдумот постави интерактивна мапа на својата веб-страница на која ќе може да се следи текот на гласањето по општини и излезноста на гласачите.

На референдумот први гласаа членовите на избирачките одбори кои го спроведуваат гласањето во странство. На избирачкиот список се запишани 104 такви членови. Иако на посебниот список на граѓани кои се на привремена работа или престој во странство има запишано 76.060 гласачи, за гласање на референдумот во странство пријавени беа 2.695 македонски државјани во 33 дипломатско конзуларни претставништва.

Вчера гласаа лицата во казнено-поправните домови, внатрешно раселените, лицата кои се наоѓаат во куќен притвор и немоќните и болните лица кои го побарале тоа од општинските изборни комисии.

Според податоците што ги соопшти синоќа ДИК, во затворите одѕивот бил 64,69 отсто.Од 1859 кои гласаат дома, односно болните и немоќни лица, гласачкото право го оствариле 1520 гласачи.

Вкупно 36,56 отсто, односно 985 лица гласале досега во странство, каде на 33 места право на глас имаа 2.694 лица, соопшти на прес-конференција Државната изборна комисија.

Избирачот може само еднаш да гласа. Гласањето се врши тајно, зад параван, а заокружувањето треба да биде со сино пенкало. Забрането е фотографирање и снимање на избирачкиот материјал и на избирачите додека гласаат. Гласање за друго лице е забрането, може само да му се помогне на избирач кој има физички недостаток или е неписмен.

До 19 часот трае и изборниот молк. Дотогаш може да се известува за изборите и текот на гласањето, но престануваат сите облици на изборно медиумско преставување.

По затворањето на гласањето во 19 часот, Државната изборна комисија првичните резултати од референдумот добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, а резултатите врз основа на податоците од записниците и целокупниот гласачки материјал од ОИК во рок од 24 часа по нивниот прием. Конечните резултати од референдумот ДИК ги објавува веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа од денот на нивната конечност. Комисијата ги објавува резултатите од референдумот во Службен весник во рок од 15 дена од денот на одржувањето.

Референдумот во Македонија е под лупа на 11.927 домашни набљудувачи. Во ДИК се акредитирани и 493 меѓународни набљудувачи, 194 преведувачи и 111 странски новинари.Најбројна е мисијата на ОБСЕ – ОДИХР со 197 претставници. Комисијата акредитирала и 83 новинари од 32 медиуми од земјава и од регионот.

 




Спонзорирани линкови

Маркетинг