Македонија треба да има европска иднина, а за тоа да се случи треба сите Македонци да излезат и да гласаат на референдумот, велат од Партијата на Македонците во Србија.
Нашата татковина мора да стане силен пријател со сите соседни држави, а таквата мисла треба да ги води граѓаните при нивното одлучување земјата да стане дел од големото евроатлантско семејство.
Од друга страна, Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД) не верува во успешен референдум. Според нив, не постои реално и практично сценарио според кое би се постигнало цензус и поради тоа сметаат дека референдумот ќе пропадне по основ на недоволна излезност.
"Мислиме дека само изборен фалсификат од историски размери може да го доведе неуспехот во прашање. Неуспешниот референдум ќе докаже дека мнозинството Македонци не го одобруваат Преспанскиот Договор и со самото тоа тој станува ништовен", велат од ОМД.
За гласање на референдумот во дипломатско-конзуларните претставништва на Македонија во странство досега се пријавени 2700 македонски граѓани кои се на привремена работа или престој во странските држави.