Медиумите пишуваат за страшната ерупција на исландскиот вулкан, научниците велат: "Ги лажете луѓето"

Точка

24/09/2018

13:06

3.235

Големина на фонт

а а а

Бројните светски медиуми ги пренесоа драматичните најави кои ги објавил британскиот "The Sunday Times" за наводната скорашна ерупција на вулканот Катла на Исланд која, како што пишуваат тие, може да има катастрофални последици.

Во приказната објавена од страна на британскиот весник се тврди дека најновите научни мерења покажуваат дека Катла исфрла "енормна" количина на јаглерод диоксид и дека вулканот би можел да еруптира во секој момент. 

Научниците минатата недела објавиле студија во списанието "Geophysical Research Letters" во која пишува дека вулканот исфрла помеѓу "12 и 24 килотони јаглерод диоксид секој ден". "The Sunday Times" објавил и дека научниците предвидуваат скорашна ерупција, но еден од научниците кој работел на студијата ја демантирал информацијата и тврди дека тие не се во позиција да предвидат дали вулканот ќе еруптира ниту дали во него се таложи магма.


Британското списание во прилично апокалиптичната статија напишало дека научниците најавуваат ерупција на Катла во секој момент и дека таа ерупција ќе биде поголема од ерупцијата на вулканот Ејафјалајокул во 2010 година, кога поради огромната количина на чад беше парализиран авионскиот сообраќај. Приказната на "The Sunday Times" ја пренесоа бројни медиуми ширум светот, а потоа реагираа научниците кои работеле на студијата за Катла.

Една од нив е Евгенија Илинскаја, научник на универзитетот во Лидс, која на Твитер ја нарекла статијата "срамотна".

"Експлицитно изјавив дека не сме во позиција да зборуваме дали вулканот ќе еруптира или не, но и дека во случај на ерупција, пореметувањето во авионскиот сообраќај нема да биде ниту приближно големо како што беше случај во 2010 година. Ги лажете своите читатели", напишала Евгенија.

"Најголема штета е фактот дека вистинската верзија на приказната е доволно интересна сама по себе и доволно важна. Откривме нешто потполно неочекувано, што ќе помогне во предвидување на идните ерупции", вели таа.

Професорот Магнус Туми Гудмундсон на Фејсбук го коментирал написот од британското списание, велејќи дека студијата е потполно поинаку интерпретирана во мејнстрим медиумите. "Мерењата не нѝ говорат дали дошло до таложење на магма или колку голема ќе биде ерупцијата и авторите на студијата тоа никаде не го напишале", вели тој.



Спонзорирани линкови

Маркетинг