Од Пирели најавија дека ќе го анализираат прекумерното трошење на гумите кои болидите го правеа за време на Големата награда на Сингапур минатиот викенд. Иако носење на хиперсофт донесе рушење на рекордот на патеката, сепак времињата на трка не беа брзи затоа што поради прекумерната деградација, возачтите ги штедеа гумите.
Круговите беа по 10-тина секунди побавни од квалификациските, а напади помеѓу возачите немаше поради тоа што секој таков завршуваше со прегревање на гумите.
„Ова е нешто на што треба да обратиме внимание затоа што искуството и податоците кои ги собравме годинава знаеме за што зборуваат тимовите и добро разбираме што е вистински пристап за во иднина.
Треба да се земат многу работи во предвид за да можеме подобро да ја разбереме и подобриме ситуацијата за следната година. Во моментов немам решение, но знаеме што се случило и ќе гледаме да не се повтори“, појасни Марио Исола.
Италијанецот потенцираше дека Пирели секогаш треба да наоѓаат баланс помеѓу носење помеки гуми за подобрување на перформансите и стратегиите, но мора да размислуваат и на деградацијата.
„Мораме внимателно да ги анализираме податоците затоа што помеките гуми секогаш носат ризик од деградација и зголемено менаџирање. Годинава бевме агресивни со хиперсофт, а агресивни бевме и на некои други патеки на кои видовме одлични квалификациски времиња и не толку добри времиња на трка поради менаџирање на деградацијата“, заклучи Исола.
Чарли Вајтинг од ФИА најави дека тие ќе се вклучат во помош при решавање на проблемот, но не заборави да потсети дека се работи за сложена ситуација.
„Тоа е голема и широка тема, сакаме брзи гуми, сакаме врвни перформанси, но тоа зависи и од подлогата односно асфалтот на патеката. Мораме да дискутираме со Пирели за да видиме кои патеки на какви гуми одговарат и да најдеме оптимум. Но, тоа е многу тешко“.