"Планот пропаднал, премиерката понижена": Британските медиуми брутални кон Меј, лидерите на ЕУ остро ја предупредиле

Точка

21/09/2018

13:52

4.597

Големина на фонт

а а а

Британските медиуми денес известуваат дека сите предлози на премиерката Тереза Меј за договорот за разидување со ЕУ се отфрлени и дека таа е понижена на состанокот со лидерите на Унијата на неофицијалниот самит во Салцбург.

Лидерите на ЕУ по вечерата објавиле дека ќе се заложат за усвојување на договор во следниот месец, но ја предупредиле Меј дека нема да има договор доколку таа до ноември не се откаже од условите во врска со трговијата и границата со Ирска. 

"Вашиот Брегзит пропадна", пишува денес "Daily Mirror" на насловната страна.

Весниците на насловната страна ја објавувале фотографијата од Меј на "Reuters", во која таа во црвена јакна стои сама и издвоена од останатите лидери на ЕУ.

"Меј понижена", гласи насловот во "Guardian", додека "Times" својот главен текст го насловил - "Понижувањето на Меј".

"Financial Times" пишува дека лидерите на ЕУ ги уништиле сите надежи на Меј во Салцбург со одбивањето на нејзиниот план, а "BBC" констатира дека Меј доживеала "непријатно одбивање".

"Sun" отишол и чекор понапред, па покрај насловот "Валканите глувци од ЕУ - евро-бандитите ја нападнаа Меј", илустрирал фотографија од францускиот претседател Емануел Макрон и претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, кои се претставени како американски гангстери со оружје.

Макрон отворено рекол дека е неприфатлив предлогот на Меј за "Брегзит", познат како "Чекерс план".

Британија ќе ја напушти ЕУ на 29. март следната година. И Брисел и Лондон тврдат дека сакаат разделувањето да биде договорено, но има се помалку време британскиот парламент да ратификува евентуален договор.




Спонзорирани линкови

Маркетинг