Русија оваа седмица претрпе жесток удар, откако сојузничката армија на Сирија сруши руски авион и според многумина, уште еднаш се покажа дека Владимир Путин не може да ги заштити своите војници, ниту пак да се одмазди за нивната смрт.
Откако беше соборен авионот „Ил-20“, од руското министерство за одбрана веднаш ги обвинија Израелците, затоа што во тие моменти израелски борбени авиони напаѓале мети на сириската армија.
Сириската против-воздушна одбрана, наместо израелските авиони, по грешка го погоди рускиот авион, што резултираше со смрт на 15 руски војници.
„Со оглед на тоа што каков метеж владее на сириското небо, ваквите случаеви не се изненадувачки. Ова не е прв пат да изгледа како Владимир Путин да не може да ги заштити своите луѓе“, изјави за “Business Insider”, Ана Боршчевскаја, експерт за Русија при Вашингтонскиот институт за политика.
Откако бесните руски генерали ги обвинија Израелците и ветија „контрамерки“ како одговор, Путиин сето тоа го нарече трагична несреќа и воопшто не најави никаква одмазда. Во меѓувреме, повторно е густо на сириското небо, авионите на многу држави оперираат, а исто така и против-воздушните системи на сириската армија, па се стравува дека вакво сценарио и грешка би можело и да се повтори.
Русија во септември 2015-та година се вклучи во сирискиот конфликт помпезно, но иако успеаа да ја зацврстат власта на сирискиот претседател Башар Ал Асад, дури и три години потоа, руските војници продолжуваат да гинат во Сирија, а исто така Русија загуби и неколку скапи авиони на Блискиот исток.
Претходно во текот на оваа година, првата шлаканица за Русија пристигна од САД. Американските борбени авиони убија голем број на руски платеници кои што се приближувале до американските позиции во Сирија. После воздушните напади, Русите ветија дека ќе се одмаздат, но не сторија практично ништо.
Путин се наметна како моќна фигура со тоа што ја искористи празнината која што ја остави САД со одбивањето во поголема мера да се ангажира во Сирија, но истовремено, Путин исто така повторно покажа дека не успева да ги заштити своите војници.
„Путин го пополни вакуумот во Сирија, но не мораше да биде нешто посебно моќен за да го стори тоа. Понекогаш и само присуството на некого е доволно, а тоа се случи во Сирија“, изјави Ана Боршчевскаја.
Според неа, Русија отворено ги мамела Американците да интервенираат во Сирија, но само затоа што Путин исправно проценил дека САД нема да го сторат тоа. Путин сето тоа мајсторски го искористи за да ги убеди останатите дека можеби САД се исплашиле, иако сето тоа е далеку од реалноста.
„Многу луѓе на Западот беа многу загрижени дека можно е да избие војна помеѓу САД и Русија преку Сирија“, изјави Боршчевскаја и додаде дека сепак една таква војна нема никогаш да се случи затоа што Русите се свесни дека нема да ја добијат.
Таа додаде дека фактот што Русија има агресивен пристап во Сирија и Украина му наштетува на руското население, затоа што поради таквите одлуки на Кремљ, Русија веќе со години е на удар на економски санкции.