Трамп со порака до Шпанците да изградат ѕид во Сахара

Макфакс

20/09/2018

11:26

931

Големина на фонт

а а а

Шпанскиот министер за надворешни работи, Јозеф Борел, неделава за време на службен појадок рече дека американскиот претседател, Доналд Трамп, предложил Шпанија да изгради голем ѕид на границите во Сахара со цел да го спречи напливот на мигранти од африканскиот континент, пишува шпанскиот весник „Ел Паис“.

Министерот додал дека американскиот претседател го отфрлил скептицизмот на шпанските дипломати кои одговориле дека шпанската граница на Сахара се протега на речиси 5.000 километри. Како што раскажал Борел, Трамп на тоа одговорил: „Границата во Сахара не може да биде поголема од нашата во Мексико”.

Се претпоставува дека Трамп овие предлози ги изложил за време на посетата на шпанскиот крал Филип и кралицата Летиција на Белата куќа во јуни годинава.

Колку за потсетување, Трамп се обиде да ги придобие гласачите во текот на изборната кампања во 2016 година со ветување дека ќе изгради, како што рече, голем убав ѕид на границата со Мексико, која е долга малку повеќе од 3.000 километри. Во последниве денови, тој повторно ја актуелизираше приказната, велејќи дека ѕидот на крајот ќе го плати Мексико. Мексико пак одговори дека властите никогаш нема да платат за изградба на вакво ѕид.

Сепак, сличен проект во Сахара би бил прилично комплициран потфат со оглед дека Шпанија во Северна Африка има само две мали енклави Сеута и Мелила, па овој ѕид треба да се гради на туѓа територија. Шпанија во моментов е прва на удар на мигрантскиот бран од Африка. Досега, оваа година, повеќе од 33.600 мигранти пристигнаа во земјата, додека 1.243 загинаа во таквиот обид.



Спонзорирани линкови

Маркетинг