Како "црната принцеза" на југословенскиот рок почина сама, отфрлена од сите

Точка

19/09/2018

20:26

15.791

Големина на фонт

а а а

Маргита Стефановиќ Маги беше клавијатуристка на групата "ЕКВ" која до ден-денес претставува икона на југословенската рок музика.

Таа со текот на времето ја стекна титулата на "црна принцеза" на новиот рок бран, а подоцна нејзината титула се претвори и во црна судбина бидејќи останала сама, заборавена и отфрлена од сите.  

Родена е како единствено дете, а татко ѝ бил театарски и ТВ режисер - Славољуб Стефановиќ - Раваси. Маргита завршила музичко училиште и беше една од најталентираните пијанистки на овие простори. Ѝ нуделе школување на московскиот конзерваториум, но таа ја одбила понудата и подоцна запишала архитектура. Се зборува дека со нејзината убавина и харизма привлекувала внимание каде и да се појавела.

Меѓутоа, нејзиниот живот и иднина го сменила средбата со Милан Младеновиќ во 1982 година во Белград. Маги со својата појава и талент го воодушевила Младеновиќ кој веднаш ѝ понудил место во бендот кој најпрво се нарекувал "Катарина II", а потоа и "Екатерина Велика".

Маги во тоа време работела многу - таа продуцирала, па дури и глумела. Била една од најприсутните личности во белградското боемско-културно друштво. Имала големо влијание врз музиката на "ЕКВ" и до денес претставува синоним за оваа група.

Иако професионално била успешна, Маги се борела со своите внатрешни демони. Таа била зависник од тешки дроги, а нејзината состојба ескалирала откако починал нејзиниот татко.

Пробала да се избори со демоните и да го спаси својот живот, но ја изгубила битката. Стефановиќ продала се' што имала, со надеж дека ќе го промени својот живот, но не успеала во тоа. Пред крајот на животот, таа се преселила во гаража во предградието на Белград каде живеела осамена и напуштена од сите.

Набрзо станала бездомник и завршила во белградското прифатилиште за бездомници. Починала на 18-ти септември 2002 година, а зад неа не останало ништо материјално, но засекогаш ќе остане музичкото наследство кое никогаш нема да биде заборавено.

Нејзиниот живот и денес предизвикува многу полемики - додека едни ја нарекуваат една од најголемите уметници од овие простори, други велат дека таа била само зависничка која на крајот успеала да си го уништи својот живот.



Спонзорирани линкови

Маркетинг