(Видео) Мицкоски: Референдумот не е за ЕУ и НАТО, туку за промена на името

Макфакс

16/09/2018

17:26

2.961

Големина на фонт

а а а

Овој референдум, иако намерно збунувачки срочен, не е изјаснување дали сакаме во ЕУ и НАТО, туку е референдум за тоа дали прифаќате да се промени името на земјата и дали ги прифаќате последиците што произлегуваат од ефективниот договор кој што го потпиша СДСМ и Зоран Заев со нашиот јужен сосед.

Тоа е овој референдум, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешниот протестен марш кој се одржа во Штип.

„Мора да знаете дека не гласате за европски вредности затоа што ова е референдум на кој се одлучува дали го прифаќате или не го прифаќате Договорот од Нивици и ништо друго! Гласањето ЗА нема да го промени фактот дека Зоран Заев и следниот ден ќе дели тендери по роднински клуч, Кочо Анѓушев и понатаму ќе удира по новинари со фломастери, нивните градоначалници ќе продолжат да ги шпиунираат своите соседи и сограѓани, ќе шверцуваат цигари, ќе тепаат жени или што уште не се подготвени да направат за таа пуста власт“, рече Мицкоски.

Наместо кампања која ја брани нивната одлука да потпишат го овој капитулантски договор, додаде тој, од СДСМ ние добивме кампања која нè убедува колку ќе биде убаво кога ќе и се приклучиме на Европската Унија.

„Ова се историски времиња, и само оние кои не сакаат да разберат што сакам да кажам се прават дека ВМРО не ги оправдува очекувањата. И го напаѓаат, заборавајќи дека државата има еден проблем, проблемот има име и презиме Зоран Заев, тоа е проблемот. Ве повикувам да останеме принципиелни, чесни и искрени, само така никој ништо не ни може, никој ништо не ни смее. Само да останеме принципиелни и чесни искрени кон нашата љубов, кон татковината, нацијата и сето она што ни го оставиле нашите предци. Тогаш никој ништо не ви може, верувајте. Нема сила која што може нешто да ви направи“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој повтори дека ВМРО-ДПМНЕ, како што рече, почитувајќи ги своите вредности на индивидуална слобода и демократско поведение одлучи да остави на граѓаните на оваа држава да постапат на 30-ти септември по своја слободна волја и убедување. „Тоа значи, дека ние нема да наметнуваме партиска агенда, туку ќе учествуваме во дебатата исклучиво презентирајќи факти и аргументи кои сме длабоко убедени дека се на наша страна. Ова ќе го направиме затоа што сметаме дека за национално прашање, како што е менување на името на државата мора да одлучува нацијата. Улогата на партиите во овој случај е да му ги објаснат на народот фактите и последиците, добрите и лошите страни… Во тој процес, партиите имаат должност да ги презентираат фактите такви какви што се и имаат уште поголема обврска да не спинуваат вакви суштински прашања“, истакна Мицкоски.



Спонзорирани линкови

Маркетинг