Иванов додели 20 стипендии за постдипломски студии во Грција за академската 2018/2019

Макфакс

14/09/2018

17:15

1.262

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Република Македонија денеска ги додели стипендиите „Борис Трајковски“ за академската 2018/2019, иницијатива преку која Грција инвестира во младите луѓе од Македонија.

„Студирајќи, тие градат и лични односи со своите грчки колеги со кои комуницираат без посредство на политичките елити и искривените медиумски перцепции. Со ваквите проекти создаваме нова генерација млади кои нема да бидат оптоварени со предрасудите од минатото. Генерации кои ќе стекнуваат меѓусебна доверба преку меѓусебно почитување и прифаќање“, рече Иванов.

Тој посочи и дека ова е позитивен пример за соработка и градење доверба меѓу македонското и грчкото општество, наспроти, како што кажа, потпишаната меѓувладина спогодба, која е асиметрична и со која се негира нашето човечко достоинство.

„Ако единствениот начин да се задоволат барањата на официјална Атина е со наметнати мерки кон македонската страна, она што добиваме се односи без доверба и без општествен капитал“, истакна македонскиот претседател.

Грчкото и македонското општество, додаде Иванов, треба да научат како заеднички да живеат и покрај нивните најдлабоки разлики што ги разделуваат. „За да имаме вистински, траен и одржлив договор, потребен ни е дијалог, наместо монолог, аргументирано убедување, наместо присилно наметнување, доверба, наместо сомнеж“, рече претседателот Иванов.

Министерот за образование и наука, Арбер Адеми, им честиташе на стипендистите и им посака успешни магистерски студии.

„На сите стипендисти им посакувам со среќа и со успех да ги завршат студиите во предвидениот рок и да стекнат што повеќе знаења, да ги надградат своите работни и лидерски способности и вештини кои ќе им бидат од лична полза, но и од корист на организациите каде се вработени или имаат намера да бидат ангажирани. Секако дека ова е и од полза за нашиот севкупен државен просперитет“, рече министерот Адеми.

Традиционално и годинава беа доделени 20 стипендии за постдипломски студии на Програмата за бизнис-администрација – МБА на Меѓународниот факултет на Универзитетот Шефилд, Сити колеџ во Солун. Стипендиите ги обезбедија Министерството за образование и наука на Република Македонија и Универзитетот Шефилд, а покровител на нивното доделување е претседателот на Република Македонија. Досега над 200 стипендисти од 12 генерации имале можност да студираат на престижниот Сити колеџ во Солун.



Спонзорирани линкови

Маркетинг