Групација на Светската банка најави поголема поддршка за приватниот сектор во Македонија

Макфакс

14/09/2018

17:00

1.219

Големина на фонт

а а а

Премиерот Зоран Заев, придружуван од своите соработници, денеска, се сретна со делегација на Меѓународната финансиска групација (ИФЦ), дел од Светска банка, предводена од Вебке Шлумер, регионална директорка за Европа и Централна Азија, која беше придружувана од регионалниот директор за Централна и Југоисточна Европа, Томас Лубек.

Како што пренесуваат од владината прес-служба, премиерот изразил големо задоволство поради присуството на делегацијата непосредно пред историскиот момент за одржување на референдумот на 30 септември, кога, како што рекол, македонскиот народ ќе покаже единство и ќе ја донесе одлуката за напредок на земјата, со исполнување на евро-атлантските интеграции.

Истовремено, со регионалната директорка Шлумер се согласиле дека иднината на Македонија, како идна членка на НАТО и ЕУ, им отвора можност на граѓаните и домашните компании да се претстават на пазарот каде што има повеќе од 500 милиони потрошувачи.

Директорката Шлумер разговарала со премиерот Заев за потенцијалите на Република Македонија и искажала отворена поддршка на групацијата ИФЦ за интензивирање на финансирањето проекти во приватниот сектор и во подобрувањето на снабдувањето со електрична енергија, особено во полето на обновливите енергетски ресурси.

Претставничката на ИФЦ посебно се осврнала на важноста на поддршката на приватниот сектор преку поврзување на странските директни инвестиции со домашните компании, на што премиерот Заев додал дека Владата преку проекти е посветена на охрабрување на локалните компании, на младите луѓе, за имплементирање на нивните бизнис-идеи со следење на модерните и иноваторските технологии.



Спонзорирани линкови

Маркетинг