"Катастрофата е пред врата": Следете го во живо доаѓањето на чудовишниот ураган во САД

Точка

13/09/2018

18:14

11.776

Големина на фонт

а а а

Ураганот Флоренс се приближува до источниот брег на САД. Како што пишува "CNN", започнале жестоки ветрови проследени од дожд кои дуваат со брзина од 60 и 120 километри на час.

Утрово Флоренс минал на 350 километри источно од Јужна Каролина, а на крајот на денешниот и почетокот на утрешниот ден би требало да се приближи до бреговите на Северна и Јужна Каролина. 

Ураганот ослабел, но...

Иако ураганот Флоренс благо ослабел, метеоролозите предупредуваат дека истокот на САД и натаму го чека катастрофа од невидени размери.

"Не ме интересира ни дури ако ураганот ослабе до категорија 1", рекол метеорологот на "CNN", Чед Маерс. "И натаму не чека олуја од категорија 4 и голема катастрофа", додал тој.

Се очекува дека ураганот над Северна и Јужна Каролина ќе беснее цели три дена, се до недела.

"Со останување си ги ризикувате животите"

Американските власти дале јасно и недвосмислено предупредување до сите кои се наоѓаат на патот на силниот ураган Флоренс, јавува "CNN". Предупредувањето гласи - бегајте од ураганот и тоа веднаш!

"Со останување си го ризикувате животот. Не планирајте да тргнете кога ќе почне дождот и ветерот", рекол гувернерот на Северна Каролина, Рој Купер. Речиси идентична порака пратил и неговиот колега од Јужна Каролина: "Евакуирајте се. Ако тоа не го направите, оставени сте сами на себе".

Властите забраниле сообраќај преку мостот во насока на островот на кој се наоѓа градот Каролина Бич, а воведен е и 24-часовен полициски час. Властите се загрижени поради фактот дека од околу 6.300 жители на тој град, 1.000 одбиле да ги напуштат своите домови, што е загрижувачки за град кој се наоѓа на помалку од два метри надморска висина.

"Нашиот состав за одбрана од поплави е солиден, но сепак нема да издржи таква навала на вода. Поплавата е речиси извесна", рекол градоначалникот на Каролина Бич, Џо Бенсон.

Евакуирани речиси два милиони жители


На граѓаните им се закануваат олуји опасни по живот, а брановите ќе бидат високи и до четири метри. Во бегство се милион и 700 илјади жители, а откажани се најмалку 800 летови.

Резервите на храна и пијалаци во продавниците исчезнале. Превозните претпријатија во Џорџија и Каролина вчера ја забрзале работата за да го зачуваат имотот и вработените на патот на ураганот Флоренс.

Катастрофата е пред врата

"Времето за подготовка истече", рекол гувернерот на Северна Каролина, Рој Купер на прес-конференцијата.

"Катастрофата е пред врата и влегува", метафорично се изразил Купер.

Вонредна состојба во шест сојузни држави

Вчера Џорџија објавила вонредна состојба, по Северна и Јужна Каролина, Вирџинија, Мариленд и Вашингтон.

Гувернерот на Џорџија, Нејтан Дил, ги советувал жителите да се подготват за штетата на ураганот на копно, и на кревање на нивото на водата во крајбрежните подрачја.

Последниот ураган кој директно удрил во Северна Каролина бил Хазел во 1954. година, при што загинале 19 луѓе.



Спонзорирани линкови

Маркетинг