Авион на американските воздухопловни сили влета во средиштето на ураганот „Флоренс“ за да собере временски податоци за Националниот центар за урагани на САД.
Снимката направена од авионот кој што лета во срцето на ураганот ги покажува размерите на моќта на „Флоренс“ кој се приближува кон американските сојузни држави Јужна и Северна Каролина.
Повеќе од десет милиони жители во три американски сојузни држави се предупредени на опасност од ураганот, соопштија од американската Национална метеоролошка служба. Ураганот „Флоренс“ инаку бележи мал пад на интензитетот и сега е сместен во третата категорија.
Ова го соопштија од Националниот центар за урагани на САД, но од таму предупредуваат дека ураганот се уште се смета за исклучително опасен.
Шест нуклеарни централи во Северна и Јужна Каролина се наоѓаат на проектираниот пат на бурата, соопшти Мери Кетрин Грин, портпаролка на компанијата во чија што сопственост се нуклеарните централи.
Инаку, според последните информации, ураганот „Флоренс“ се наоѓа на околу 750 километри од Миртл плажата во Јужна Каролина каде што веќе се регистрирани ветрови со брзина од 205 километри на час.