ВМРО-ДПМНЕ пред конечна одлука за референдумот – Секој да постапи по сопствен избор

Макфакс

11/09/2018

12:31

1.797

Големина на фонт

а а а

Секој граѓанин да постапи по свое убедување за референдумот на 30 септември, ова е пораката која јавноста најверојатно ќе ја слушне вечерва од седиштето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Раководството на партијата во текот на денот одржува средби со пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, а за попладнево се закажани состаноци на Извршниот и на Централниот комитет.

Неофицијално, пораките кој партискиот лидер Мицкоски ги упати во говорот од протестниот марш во Кичево, се насоките околу кои се движат размислувањата на мнозинството во ВМРО-ДПМНЕ.

„Кој е Христијан Мицкоски да му каже на народот што треба да прави? Да се обидува да го замајува со скапи маркетиншки трикови и странски пи-ар советници, кој ми го дал мене ова право?“, рече Христијан Мицкоски на 3 септември од Кичево.

Сепак, дел од членството, актуелни и поранешни функционери на партијата не ги следат официјалните политики на партијата. Членови на раководството на партијата јавно повикуваат да се излезе да се гласа на референдумот, додека пратеникот Антонијо Милошоски активно води кампања за бојкот.

Официјалниот став за референдумот ВМРО-ДПМНЕ досега повеќе пати одложуваше да го соопшти на јавноста, иако е познато дека не се согласуваат со начинот на кој е формулирано референдумското прашање, како и дека се противат на Договорот со Грција. Овие ставови лидерот Мицкоски им ги соопштил и на странските дипломати кои деновиве беа во посета на Македонија, во знак на поддршка за референдумот. Мицкоски лично и на германската канцеларка Меркел и кажал дека добиле навигација од средбите со граѓаните и конечената одлука за референдумот ќе ја соопштат неделава.



Спонзорирани линкови

Маркетинг