Лажната адвокатка од Охрид молчи за измамата, а ѝ се заканува затвор до три години

Макфакс

10/08/2018

15:43

4.316

Големина на фонт

а а а

Охриѓанката Емилија Стојаноска од Охрид, која лажно се претставувала како адвокатка во охридскиот суд и притоа работела предмети од странки на кои им била потребна правна помош, не кажува дали има правосуден испит и лиценца за работа.

Стојаноска посочи одговорите да ги бараме во институциите. Основното јавно обвинителство веќе оформило предмет и собира докази за охриѓанката Стојаноска. Доколку таа биде обвинета за кривичното дело измама, во Кривичниот законик е предивдена парична казна или затвор до три години.

„Во лоша здравствана состојба сум, немам што да ви изјавам. Ќе ве тужам и ќе се видиме на суд. Одговорите барајте ги во институциите. Од каде вие знаете дека сум работела како адвокат?“, праша Стојаноска. Кога ѝ посочивме дека поставила рекламна табла на која пишува дека врши адвокатски услуги, Стојаноска посочи: „Па не мора да работам како адвокат за да си поставам табла, може така сум ја ставила“.

Штетите што ги предизвикала Стојаноска застапувајќи предмети како адвокат без лиценца може да бидат огромни, вели адвокатот Ѕвонко Давидовиќ за „Макфакс“.

„Ако странките ги измамила дека е адвокат, тогаш во согласност со законот предвидена е казна затвор и нивно обесштетување. Доколку има странки што ги изгубиле споровит и побараат предметите да се поништат, тие ќе мора да се вратат на повторно судење“, вели Давидовиќ, кој вели дека има низа судски аномалии.

Основањето на адвокатско друштво се отвора со лиценца на адвокатот, која Стојаноска ја немала. ОЈО ќе треба да провери и како охриѓанката отворила адвокатско друштво и извадила печати за работа без лиценца.

Инаку, повеќе од две години Емилија Стојаноска од Охрид работела како адвокат. Незаконското застапување странки го открила судијката Весна Кичеец во тек на судење, каде што полномошник била Стојаноска. Вработени во охридскиот суд веќе биле на распит во ОЈО.



Спонзорирани линкови

Маркетинг