Драма во Скопје: Татко го претепал двегодишниот син до онесвестување

Макфакс

10/08/2018

11:35

3.945

Големина на фонт

а а а

Татко го тепал двегодишниот син до онесвестување, по што ги заклучил останатите деца во соба, а ја претела и сопругата кога сакала да им помогне. Детето е задржано во болница на лекување, а неговиот татко е приведен во полиција.

Нов случај на семејно насилство во Скопје открива полицијата во утринскиот билтен. Станува збор за 47-годишен Скопјанец Ф.С. против кој е поднесена кривична пријава од страна на Секторот за внатрешни работи Скопје, до Основното јавно обвинителство во Скопје. Според полицијата, тој извршил две кривични дела „телесни повреди во вршење семејно насилство“, казниво по член 130 став 2 од Кривичниот законик на Република Македонија.

Скопјанецот на 8 јули годинава во семејниот дом, во алкохолизирана состојба, физички ги нападнал неговиот двегодишен син и неговата сопруга Ѓ.С. и им нанел телесни повреди. Додека неговата сопруга била на работа, таткото физички го нападнал двегодишното дете, по што тоа се онесвестило.

Како што информира полицијата, околу 18.30 часот мајката дошла од работа и ги затекнала своите четири малолетни деца заклучени во соба. Во моментот кога нејзиниот најстар син (9 години) ја отворил вратата, скопјанецот физички ја нападнал сопругата. Таа успеала да избега во собата кај децата, кои и кажале дека татко им ги тепал сите, а најмногу најмалиот брат.

По кратко време, мајката со такси возило го однела двегодишниот син во Ургентен центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“ каде му биле констатирани телесни повреди и бил задржан на лекување.

Во разговор со полициските службеници Ѓ.С. изјавила дека ова не е прв случај на семејно насилство од страна на Ф.С.. Тој и порано ги малтретирал. Со помош на Центарот за социјални работи на град Скопје останатите три деца биле згрижени во шелтер центар.

На 9. јули во 1.05 часот пријавениот Ф.С. бил приведен и задржан во полициска станица.



Спонзорирани линкови

Маркетинг