ВМРО-ДПМНЕ не може да се помири со тоа што нивните вистински намери се откриени, стои во соопштението на владејачката СДСМ.
Оттаму велат дека опозициската партија е фокусирана само на одбрана на криминалот што 11 години го спроведуваше поранешната врхушка на оваа партија.
„ВМРО-ДПМНЕ не мисли ниту на иднината на државата ниту на граѓаните. Вистината што ја објави вицепремиерката и заменик претседателка на СДСМ, Радмила Шекеринска, е дека 90 проценти од времето на лидерски средби било потрошено на барањето на ВМРО ДПМНЕ за амнестија. Единствениот интерес на ВМРО-ДПМНЕ на лидерските средби не била македонската иднина, туку судбината на криминалците коишто 11 години дивееа, злоупотребуваа, прибираа се што можеше да приберат, а граѓаните ги оставија осиромашени, во изолирана и задолжена држава“, се вели во партиското соопштение.
Од СДСМ наведуваат дека сите прогресивни сили и политички субјекти се за членство во НАТО и ЕУ со зајакнат идентитет, освен Мицкоски и тесното партиско раководство на ВМРО-ДПМНЕ, кои според владејачката партија, сакаат назад во темното минато на криминал, насилство, неказнивост и изолација.
„Амнестија за криминалците нема да има, секој ќе одговара согласно законите. Македонија чекори напред како нормална, демократска, напредна земја во која правилата важат за сите подеднакво. Без разлика на неодговорно однесување на ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните на Македонија, на референдумот на 30-ти септември, ќе ја искористат историската шанса за напредок“, се наведува во соопштението.