Валентин Петрески: Најдобро „пливам“ во слобода

Точка

08/08/2018

16:57

5.736

Големина на фонт

а а а

Додека повеќето жители на Скопје беа заминати на продолжен празничен викенд, екипата на Точка одлучи тоа утро на 2-ри август да му го посвети на Валентин Петрески, ТВ водителот на „Урбан Таг“, популарната емисија од забавен карактер која оди редовно на фрекфенцијата на „21ТВ“.

Пиењето кафе во 10 часот во полу-празен град изгледаше сосема нереално... Беше тивко и нетипично за главниот град. Без бруење на возила, без гужви во центарот... И во таков амбиент „протече“ и овој разговор со инспиративниот охриѓанец...  

Точно знаев што сакам 

Отсекогаш сакал телевизија, затоа уште на 15 години се испробал во тој медиум во родниот град Охрид, стартувајќи како водител на детска емисија во локалната телевизија. Едноставно, влегол во телевизиската зграда, побарал состанок со уредникот и се понудил да биде дел од екипата. Така и биднало... Така влегол во овој медиум каде се чувствува како свој на свое.

- Се сеќавам дека прва гостинка ми беше кајакарката Елена Чуркоска, а подоцна и многу други гости – ни раскажа Валентин.


Неколкуте години таму му биле значајно искуство, по што одлучил да запише студии по новинарство и да ја гради иднината токму во таа професија. По запишувањето на новинарство, бил домаќин на летна забавна емисија во Охрид, насловена „Во плитко“. Следувал ангажман во АБ каналот, каде бил шест месеци од каде се префрлил во Канал 5 телевизија каде ја водел емисијата “Во тренд“, а потоа во МРТВ. По завршувањето на овој телевизиски проект шест месеци паузирал од телевизијата по што одлучил да се испроба во сосема друга професионална сфера, во маркетингот, каде бил ангажиран цели пет години. Паралелно, го создал брендот „Тиноски“ со кој е активен и денес... Неочекувано добил повик за да биде водител на емисијата „Голем одмор“ на МТВ заедно со неговата колешка Спасија, со која денес ја водат популарната емисија од забавен карактер „Урбан Таг“ на 21ТВ.

Веќе подолг период е водител и автор на емисијата „Урбан Таг“, со која заради отвореноста и разновидноста на гостите и опуштениот концепт, стануваат се попопуларни. Тоа е една од ретките емисии од забавен карактер каде може да се видат гости од сите професионални сфери и каде секогаш се разговара опуштено и спонтано.

- Тоа е така заради слободата што со Спасија ја имаме од страна на уредниците на телевизијата. И кога не ни се поставени било какви „рамки“ ние сме потполно отворени за креација, за создавање интересни емисии кои се секогаш различни и нудат разновидни информации и гости. Таков вид слобода во другите македонски медиуми не постои и затоа ние сме особено благодарни што ја имаме. Градиме свој имиџ кој луѓето го препознаваат – ни откри Валентин, кој повеќето го познаваат по прекарот Тино.

Се потешко без Охрид

Вели дека е токму таков сталожен и смирен и во приватниот живот. Во однос на карактерот се споредува со неговата баба со која и денес е особено близок. Таа за него е жена – херој.


- Позитивна е. Снаодлива. И нештата кои навидум ни изгледаат невозможни за остварување, за неа се остварливи. Според неа, се е можно. И секогаш наоѓала начини да успее. Ми вели: „Ако сакаш нешто, ќе најдеш начин“ – зборуваше со силни емоции.

Доаѓа од скромно семејство. Неговиот помлад брат е полицаец и го наследил неговиот татко кој е полицаец во пензија, а мајка му е болничарка (и негова најголема поддршка). Тој е уметникот во семејството. Но, вели дека тоа го наследил од мајка му, која отсекогаш била особено креативна и имагинативна.

- Гледав како таа го реализира тоа во готвењето, во уредувањето на станот каде живееме, во облекувањето и секогаш многу ме инспирираше. Заради неа најмногу ми недостасува Охрид. Порано не толку, зашто сакав да го доживеам големиот град (Скопје), но сега спокојот на Охрид особено ми недостасува. И езерото – сподели Валентин со нас и додаде: Мајка ми особено ми недостасува, па затоа сега скоро секој викенд си доаѓам дома.

 Роден покрај езеро, пливањето е неговиот омилен спорт кој го практикува уште од дете. Денес, кога се враќа таму прво ужива во утринското кафе покрај езеро, а потоа избира некоја од плажите и се препушта на пливањето.

- Водата ме смирува и единствено место каде можам да бидам сам и да е опуштам. Езерото ми е терапија.

Меѓу уметноста и телевизијата

И покрај напорниот ангажман што го има во телевизијата, задолжитено во денот неколку часа посветува и на неговиот бренд „Тиноски“, во креирањето дизајни и исцртувањето уникатни илустрации на чаши за чај и кафе и чинии. Страста што ја негувал уште како дете, ја продолжил и сега. Телевизијата му е прва љубов, а Тиноски прво чедо. Така вели секогаш. Таму се насочени и неговите планови, да си става предизвици создавајќи ја „Урбан Таг“ емисијата и да создаде уметничко ателје/концепт стор со „Тиноски“. Цели кон тоа. Цели да го оствари сонот што го имав уште како дете, да црта, да креира.


- Кога бев дфете правев најразлични креации. На пример: собирав камчиња од плажата на езерото и потоа ги лепев како мозаик, или пак баба ми ми замесуваше тесто од кое обликував најразлични форми и ги боев... Уживав во тоа. Уживам и сега во создавањето на уникатните дизајни и цртежи. Цртав шишиња, кои потоа ги лепев со конец или ги украсував со топен восок. Се сеќавам дека едвај чекав да дојде часот по Ликовно – со насмевка ни кажа Тино.

Најважно е што има слобода. Така најдобро функционира, ни вели тој. Затоа ги обожува утрата кога чувствува најмногу енергија, и воопшто не е тип за ноќни забави и гужви.

- Навечер легнувам рано за да се наспијам и да не губам часови од утрата кога имам најчиста идеја за креација. Тие се единствени часови кога не сум во комуникација со многу луѓе и не добивам нотификации на социјалните мрежи, па можам да се посветам спокојно на создавањето – сподели.


Пишува: Гордана Настевска Манасијеска
Фото: Марко Маркоски
Локација: „21ТВ“ и кафе бар „Brown sugar“ 

- Со Спасија освен колеги сме и блиски пријатели и затоа пред камерите сме токму онакви какви што сме и во приватниот живот. Таа е темпераментна, а јас смирен. Затоа и одлично се надополнуваме еден со друг и со поглед се разбираме


- Во мојот моден стил секогаш доминира жолтата боја


- Неколку од неговите дизајни како „Тиноски“


- Имам неколку пријатели со кои буквално зборуваме за се, дури и за најбизарните моменти од животот. И сум среќен заради тоа


Искуството што ме промени

По ангажманот во „Групер„ одлучив сепак да се посветам на креативната работа и таман кога мислев дека се е во ред, ми се случи здравствен проблем – воспаление и операција на слепо црево, која се искомплицира и заради која морав да лежам цел месец. Тие денови ги поминав дома, во Охрид и имав можност да размислувам многу. Оттогаш па навака се е променето за мене, во однос на мојата перцепција на светот и животот. Тоа искуство ме направи многу посилен, емотивно и духовно.


Бонус прашања:

- Омилената играчка од детство?

Хм... треба добро да ја вратам меморијата :) Беше тоа куче кое се трансформираше во робот, подарок од вујко ми. И да, мојот омилен велосипед со свирка и огледало, го обожував...

- Првиот бакнеж...

Велат дека тоа не се заборава... ако добро се сеќавам, на почеток од средношколските денови.

- Омилена изрека

Што е твое, ќе си дојде.


- Воз или авион?

Авион. Брз превоз и чувство на слобода во облаците. И се уште не сфатив како Земјата е толку чудесна и “бесконечна”. Погледот кон облаците и за неколку минути над нив, бесценето...

- Гостин кој никогаш нема да го заборавиш...

Во досегашната работа низ медиумите, скоро 10-тина години, многу гости ми оставиле посебен впечаток. Многу лекции научив и секогаш сум благодарен по успешното интервју. Разговорот со Тоше Проески кое го правев на домашен терен, во Охрид, веднаш по неговиот настап во одбојка во хотелот „Десарет“ беше посебно... Имаше поинаква енергија тогаш и толку многу љубов што сите што бевме таму не научи како треба да се успева, да се остане скромен и да се помага.


- Најдалечното патување...

Дубаи, минатата година. Навидум совршен град, но никогаш не би можел да живеам на такво место. Недостига природен начин на функционирање на нештата. Во секој случај, супер туристичка дестинација која отвора нови погледи на животот и работите околу вас. Убаво искуство и моменти кои ќе се паметат.

- Пица или салата?

Двете заедно :) Бидејќи во главата ми се зацрта основното правило дека салатата мора да е задолжителен дел од оброкот, кога јадам пица комбинирам со салата.



Спонзорирани линкови

Маркетинг