Спектакуларен концерт на Влатко Стефановски во Античкиот театар во Охрид

Точка

02/08/2018

12:41

4.328

Големина на фонт

а а а

Најпознатиот македонски гитарист, Влатко Стефановски, вчеравечер одржа спектакуларен концерт во Античкиот театар во Охрид. Посетителите имаа прилика да го слушнат неговиот последен проект, албумот „Мајчин јазик“ - првиот соло акустичен албум кој содржи инструментални верзии на македонски народни песни.

Ова е 35-ти албум во неговата кариера, а на него, меѓу другите, поместени се и песните: „Зошто си ме мајко родила“ (посветена на Есма и Стево Теодосиевски), „Огреала месечина“, „Успаванка за Радмилу М“ – композиција за истоимениот албум на „Бијело дугме“ за која Влатко вели дека настанала во Скопје како минијатура за две гитари, Касапско оро и 13-осминското Пелистерско оро. 


Бројната публика во Античкиот театар уживаше во неверојатниот перформанс кој го приреди Влатко заедно со неговите пријатели Теодосиј Спасов од Бугарија, хармоникашот Танос Ставридис од Грција, Биља Крстиќ од Србија, Весна Гиновска Илкова и групата „Љубојна“ од Македонија.


На концертот кој што долго ќе се памети, тој не заборави да му оддаде и признание на Оливер Драгоевиќ, изведувајќи акорди од неговата „Магдалена“, што предизвика огромно воодушевување и овации кај присутните. Нашиот виртуоз приреди вистинско волшебно музичко патување во градот Охрид, за кој тој неодaмна истакна дека е место полно со магија, дух, уметност, неверојатна природа и секогаш претставува голема инспирација и возбуда за него. Овој негов настап дефинитивно се докажа дека е кулминација на сите негови трагања како музички, така и просторни.

Концертот на Влатко Стефановски во организација на Баги комуникации, го поддржа Македонски Телеком, кој воедно е главен покровител на „Охридско лето”.




Спонзорирани линкови

Маркетинг