Животната приказна на Оливер Драгоевиќ: Сиромашно детство, неверојатен успех и љубовна приказна долга 45 години!

Точка

30/07/2018

11:04

7.454

Големина на фонт

а а а

Веста дека во раните утрински часови во болница во Сплит, животната битка ја загуби еден од најголемите пејачи, растажи многумина. И покрај тешката здравстевна состојба, сите се надеваа дека Оливер Драгоевиќ ќе биде посилен од неа и ќе продолжи да одушевува со нови песни.

На 7-ми јули, 1947-ма година, во Вела Лука, Корчула е роден Оливер Драгоевиќ, во семејството Кате и Марко Драгоевиќ. Неговото семејство го носело надимакот „Кожа“, бидејќи неговиот прадедо дерел кожа.

Името наводно го добил по Оливер Твист, главниот лик од истоимениот роман на Чарлс Дикенд, а тој еднаш ја раскажал приказната за добивањето на неговото име.

„Мојата мајка познаваше луѓе што се занимаваа со читање и пишување, па ги прашала за совет. За покојниот брат рекле да се вика Аљоша и тоа е за Истокот, ако останат Русите, а во случај да дојде до некакви несакани случувања, на другиот син дајте му го западното име, па така јас го добив името Оливер. Така ги добивавме имињата во времето на војната.“


За тоа како растел со една година постариот брат Аљаша, раскажал во книгата „Јуначка утеха“:

„Беше многу гадно време. Мајка ми и татко ми работеа, а јас и Аљаша дома сами готвевме. Искрено, Аљаша беше тој кој готвеше, а јас помагав околу садoвите. Не јадевме месо, бидејќи немаше, а се сеќавам и дека добивавме помош. Го паметам американското масло, го викавме Џон Вејн масло, па млеко во прав. Кога бев мал и кога ме прашуваа што сакам да бидам кога ќе пораснам, велев - месар. Познавав еден син на месар кој секојдневно јадеше месо.“

Во семејството Драгоевиќ, музиката била составен дел од нивниот живот, па таткото Марко, на својот тогаш 5-годишен син му купил усна хармоника, а 5 години подоцна, подигнал кредит и му купил и гитара.


„Имав само неколку години кога ја добив првата усна хармоника од мојот татко. Татко ми свиреше на неа, но еден ден одлучи да ми ја подари бидејќи секогаш покажував интерес за тоа. Со денови свирев на неа, беше одлично. Имав и гитара, ми купија гитара и ја носев со мене на сите семејни дружења, а подоцна и со пријателите. Секогаш морав нешто да свирам, секога ми велеа нешто да отсвирам и испеам и уживав додека го правев тоа“, неодамна изјави за „Story“.

Прв пат настапил во дует со брат му Аљаша, во далечната 1957-ма година на радио Сплит, кадешто на радискиот фестивал настапиле со песната „Picaferaj“, која поминала незабележано и затоа Оливер одлучил да свири по клубови и во странство.


Цели четири и пол години свирел од Европа до Мексико, а потоа се вратил дома со видливо здебелен и рапав глас од многу пеење и непроспиени ноќи. Една година поминал со трубачите во Дубровник, за на крајот повторно да се врати во Батала.

Во Дубровник ја запознал својата сопруга Весна, која работела во болницата. Иако во тој период имал девојка, сепак Весна многу му се допаѓала.

„Се запознавме на 13-ти мај, 1973-та година. Си реков самиот на себе дека е доволно од самотијата, доволно е од лудувања и ја запознав на својата 26-та година, а нејзина 19-та. Ја запознав во Страдун, помина покрај мене. Имаше црно-црвена, долга, брановидна коса. И само помина. Се завртев, а и таа се заврте во исто време. Потоа се распрашував за неа. Постоеше место за состаноци во градската кафеана, а таму ги распрашував луѓето што ја познаваат - која е таа и како се вика.“

„Сè ми објаснија и преку еден од нив договоривме состанок. Се најдовме токму таму, во градската кафеана, едно утро. Дали беше состанок или беше кафе, не знам. Седевме таму и се договоривме да се видиме истото попладне. Бевме во еден парк и таму седевме можеби два часа. Тука некако се договоривме за врска. Не беше како предбрачните договори, поинаку беше“, откри во едно од многубројните интервјуа.


„Кога ме повика на својот концерт, ми беше непријатно некој да не ме види со музичарот, па се криев позади сцената“, раскажа еднаш Весна Драгоевиќ, која поради Оливер патувала секој викенд до Сплит.

Се венчале во 1974-та година, а истата година ја добил и песната на Зденко Рунјиќ „Ča će mi Copacabana“. Тогаш почнало сè, а неговата работа многу скоро прераснала во нешто поголемо. Толку многу биле поврзани што еден период живееле во иста зграда, а сето тоа траело се до смртта на Зденко, иако повеќе не соработувале.

Инспирациите за песните ги наоѓал секаде, па дури и во болница. Интересна е приказната за една од поубавите балади „Ključ života“, бидејќи настанала додека сопругата на Зденко, Ведрана, ја пораѓала нивната ќерка Ивана, а жената на Оливер се пораѓала со близнаците Давор и Дамир. „Карактерно бевме потполно различни, но бевме истомисленици кога беше музиката во прашање“, изјавил Оливер после смртта на Зденко Рунјиќ.


Со сопругата Весна и тројцата синови, во 1978-ма година, живееле 11 луѓе во станот. Потоа добиле стан од Општината и таму се преселиле. „Весна секогаш знаеше како да се справи со нас, четири мажи во куќа. Можам да кажам дека таа беше главна во куќата, но и секој си имаше некој сопствен простор. Никој никого не вознемируваше, се држевме сите заедно, но секој имаше своја слобода.“

Сепак, Весна никогаш не криела колку не сака Оливер да започне со музичка кариера. Тој самиот рекол дека неа ѝ сметало тоа што работата му била поврзана со ноќта, алкохолот и дружења до утрата.

„Затоа не се радував на победата на Оливер на фестивалот во Сплит и затоа долго време не сакав да се занимава со пеење. Се плашев да не се промени. Го засакав бидејќи беше духовит, срдечен, едноставен, драг и над сè, во правата смисла на зборот. Да не останеше ист, немаше да останеме заедно.“


И покрај славата којашто ја стекнал, живеел скромно, далеку од гламурот и од очите на јавноста, а летата секогаш биле поврзани со неговата сакана Вела Лука. Најголемата радост всушност му биле семејството - сопругат Весна, синовите Дино, Дамир и Давор, нивните сопруги, но и внуците на кои посебно им се радувал.

„Никогаш не се трудев да бидам совршен сопруг, супер татко и дедо. Секогаш се трудам да бидам искрен во сè што правам. Кога нешто не ми одговара, веднаш ми се приметува. Не знам да глумам, во тоа сум многу лош. Тоа е начинот на мојот живот, во него е важна искрената емоција. Ако нешто не ми се допаѓа - нема да кријам, а ако ми е навистина убаво, тогаш последен ќе ги исчистам шанковите и столовите“, изјавил тој.


Во истото интервју, на прашањето дали за нешто жали во кариерата, рекол дека е многу едноставно: „Сè помина мирно и убаво, но дефинитивно сè уште не е крај. Остварив многу работи од тие што ги замислив, можело да биде и полошо.“

Песните на Оливер оставиле печат на многу животи. Пеел во Њујорк на „Carnegie Hall“, во Лондон на „Royal Albert Hall“, во Париз на „Олимпија“ и на „Opera House“ во Сиднеј. Добил многу награди, но славата никогаш не го „удрила“ во глава.

Луѓето преку неговите песни се заљубуваа, растеа, тагуваа, се радуваа, а така ќе биде и понатака, бидејќи неговите спомени тешко ќе избледат.




Спонзорирани линкови

Маркетинг