Филип Достовски: Канабисот не е дрога! Не исполнува ниедна дефиниција за дрога или наркотик!

Точка

26/07/2018

22:02

18.771

Големина на фонт

а а а

Канабисот моментално е една од најактуелните табу теми во нашата држава. Најчестото прашање „Дали канабисот е дрога или лек“, му го поставивме на најпознатиот активист за декриминализација на истиот, во Македонија, Филип Достовски. Филип за Точка, искрено и без влакна на јазикот одговори на сите прашања кои се помалку познати во јавноста.

Дали можеш да ни кажеш нешто повеќе за здружението „Зелена алтернатива“?

Зелена алтернатива настана спонтано. Ние, луѓето кои го создадовме, немавме никакви планови. Дури, можам да кажам дека неколку месеци пред всушност да се оформи ова здружение, немавме никаква идеја дека нешто ќе правиме во тој правец. Бевме на семинар за користење на медицински канабис, во Љубљана. Тој беше организиран од едно словенско здружение, активисти за легализација на канабис. На тој семинар беше поканет и најпознатиот светски активист за промоција на масло од канабис, заедно со некои стручни лица, односно професори од Канада, Израел, Америка. На тој семинар се запознавме, и така настана идејата да всушност тој семинар не застане во Љубљана, туку да продолжи низ сите Eкс Jу републики, бидејќи таму се запознавме и со активисти од овие републики. Така и го направивме нашето здружение - со цел да имаме правно лице, со кое би можеле да ги поканиме професорите кои не би дошле на покана на физичко лице, односно да биде поофицијално. Не очекувавме дека ќе успееме да го смениме законот, сè се случи спонтано. Тоа се почетоците на Зелена алтернатива. Едноставно, моментална потреба, која се покажа како вистинска одлука.

Кој беше твојот главен личен мотив за да се вклучиш во целата оваа приказна?

Прво, корисник сум на канабис и рекреативно, повеќе од 20 години, заедно со моите пријатели. И, нормално дека кога канабисот е дел од твоето секојдневие, ќе почнеш да осознаваш и нови работи за него. Она што мене ме издвои од пријателите е тоа што имав малигна болест и имав многу добри резултати! Се поклопија повеќе работи, бевме во вистинско време на вистинско место и веројатно со вистинските луѓе. Така настана и Зелената алтернатива..


Дали можеш да ни направиш споредба на тоа како стојат работите во врска со легализирањето на канабисот кај нас, а како во другите држави?

Канабисот сè уште, за жал е дел од една конвенција на обединети нации, од 1961-ва година и е ставен во класа број еден дроги. Значи, дефиниција на таа класа е дека оваа дрога е тешка и има голема можност за злоупотреба и е без никакви медицински својства. Ние, како дел од Југославија, пак ќе речам за жал, сме потписнички на оваа конвенција, но исто така потписнички се и други земји каде што се користи канабисот. Заради таа конвенција, повеќето земји имаат свои модели. Иако секаде во јавноста се нарекува „медицински канабис“, самата медицинска фела или воопшто официјално, канабисот не е лек. Нема регистрирано „лек од канабис“. Има еден-два лека што се регистрирани многу одамна, но реално воопшто не работат, извадени се само некои компоненти од растението. Во принцип, канабисот сè уште никаде не го пишува како лек, а тоа не е поради тоа што канабисот не е истражуван. Можам да ви кажам дека канабисот е најисражувана билка на планетава, не е падната од Марс. За секое растение многу лесно може да дознаете што содржи. Проблемот е, како што веќе спомнавме - обединети нации и заради тоа скоро сите држави имаат свој модел, иако, ќе повторам дека никаде не го пишува како „медицински канабис“, а сите така си го нарекуваат. Дозволен е лесен пристап на корисници. А тоа кој како ќе го користи е сосема друга работа. Некој го користи за лечење, некој го користи рекреативно, но морам да напоменам дека и тука нема дефинирана граница, бидејќи и оние кои го користат рекреативно не се свесни дека всушност го користат и медицински. Рекреативно најчесто го користат младите, постарите се повеќе песимисти околу тоа. Но, врвни странски експерти и доктори, велат дека доколку запалите џоинт пред спиење или после работа, тоа се смета за медицинска употреба. Ова го кажав за да разграничам медицинска и рекреативна употреба.

Секаде каде што е дозволена таа медицинска употреба, дозволен е и лесен пристап на корисници, тоа е во Холандија во „Coffe shops“, во Шпанија во социјални клубови, во Португалија е декриминализирано - можеш да си садиш дома, исто и во Австрија, во сите Европски држави можеш да садиш дома, секако мали количини.

Никаде не е легален канабисот, но многу добро е дефинирано, што кај нас, за жал, дали од мрза, дали од незнаење, сè уште нема правилен закон. Ние треба да измислиме наш модел за користење на канабисот, не може да ги копираме другите држави.

Еве ќе ви кажам еден пример. Многу наши луѓе што „сакаат“ да го легализираат канабисот, го кажуваат моделот на Португалија. Таму се декриминализирани сите други. Но нивниот модел е направен во 1992-ра година, од многу поразлични причини. Таму има епидемија. Ние сега пробуваме да декриминализираме само канабис, а заедно со таа декриминализација треба да дојде и медицинска употреба и обука на луѓе кои би го користеле медицински, а во исто време се граничиме со државата која илегално произведува најмногу канабис во Европа. Така што, нормално дека ние треба да имаме друг модел кој ќе одговара на нашите потреби. Нашиот црн пазар е различен од тој во Шпанија, Австрија.. Тешко е да направиме споредба, без разлика дали се мисли на Македонија со другите земји во кои се користи, или пак тие земји измеѓу себе да ги споредуваме.

Ние сме мала држава и многу брзо се рашири знаењето за канабисот и ви тврдам дека сме многу поинформирани од некои држави кои веќе го имаат декриминализирано канабисот. Малку е чудна ситуација, но е реална. Затоа, повторно ќе кажам дека, со нашето знаење треба да смислиме нов модел за користење на канабисот, а не да копираме некоја друга држава. Поинаку би биле паразити и нема долго да траеме.

Поради недоволна медиумска застапеност на информации за лековитите својства на канабисот, луѓето немаат јасна претстава за кои сѐ здравствени состојби и проблеми помага. Дали е точно дека покрај докажаната ефикасност во борбата со канцерогените заболувања, канабисот е исклучително делотворен и за други тешки заболувања, како што се аутизам, паркинс, епилепсија...?

Ова прашање може да се одговори само со една дијагноза, којашто уште не е официјална, но еве, до ден денес ништо не сме погрешиле, па и сами ќе видите дека за некоја година ќе излезе и како официјална дијагноза. Тоа е клинички недостаток на ендоканабиноиди. Сега ќе ви објаснам подетално на вашето прашање. 

Канабисот позитивно делува кај канцерогени заболувања, кај скоро сите автоимуни заболувања, кај надворешни потреби, односно физички повреди, кај скршеници на коски, помага буквално за сè!

Но, во последно време проблемот е во тоа што луѓето, најчесто поради интернетот, реагираат на сензации. На сè гледаат црно или бело. Тие бараат да знаат дали канабисот 100% лечи рак, или не. Единствено нешто што 100% го знаеме е дека еден ден сите ќе умреме.

Во врска со тоа колку е ефикасен канабисот во канцерогените заболувања.. нормално е дека не може сите да ги излечи, постојат луѓе што не можат да се излечат. Но, ако во моментов имаме повеќе различни пристапи на лечење на канцер, значи, хемотерапија, зрачење, хомеопатија и што сè не... канабисот е еден од најефикасните методи, во буквална смисла! Исто така може да се комбинира со скоро секој друг тип на лечење. Преку канабисот внесуваме молекули кои и онака сами ги произведуваме со наша хомеостаза. Затоа канабисот делува кај канцерогени заболувања, мултиплекс склероза, паркинсонова болест, алцхајмерова болест, дијабетес, глаукома, епилепсија, аутизам. Повеќето дијагнози немаат врска една со друга, а кај сите делува позитивно. Во самото лечење со канабис инкорпорира хипократовата заклетва „Само да помогне, да не одмогне“. Во историјата, досега, немаме забележано еден единствен случај кој починал од канабис. Да знаевме дека има барем еден таков случај, досега ќе бевме преплавени со информации за тој смртен случај, од пропагандата што е против канабисот. Од канабисот да се добиваше рак, како што се зборува, сигурно некаде би постоело предупредување, како што се налепниците на цигарите, дека пушењето е штетно. Постојат толку многу истражувања кои укажуваат на штетноста од цигарите, а каде се истражувањата за штетноста од канабисот? Велат дека нема истражувања дека канабисот лекува, но нема ни истражувања дека канабисот одмага. Напротив, за тоа дека лечи има емиприски докази и ги гледаме со очи, не ни треба некоја институција за тоа да го потпише.

Проблемот воопшто, во нашава држава, а и во целото општество е тоа што ти не можеш да видиш дали е добро или лошо, додека некој не стави потпис на тоа. Повеќето аргументи на некои сè уште некои тврдокорни доктори, кои гледаат што се случува и сè уште се против канабисот е тоа дека нема научни истражувања, тие би го препишале, но повторно, нема научни истажувања кои тврдат дека канабисот лекува, а од друга страна не ја споменуваат пречката за решение на проблемот, а тоа е, како што споменав и претходно - обединетите нации и нивната конвенција.

Сите истражувања што ги имаме се од некои институти, некои се индивидуални истражувања итд., но веќе ги има толку многу, што не може да се занемарат.

Ме прашавте дали канабисот лечи? КАНАБИСОТ ПОМАГА КАЈ СКОРО СÈ! Од моментот кога сме се зачнале, па сè до самата смрт - помага и буквално ги подобрува сите физиолошки процеси во нашето тело.


Дали можеш да ми кажеш нешто повеќе за твоите залагања во измени на законот, што се однесуваат на оваа проблематика?

Секако. Таа промена се случи уште во 2016-та година. Тогаш бевме повикани како здружение, значи како дел од граѓанскиот сектор, повеќе за да им дадеме совет на луѓето кои го менуваа законот. За наша среќа стварно ни прифатија некои барања и искрено, ние сме директно заслужни за измените на овој закон, каде што можат компании да садат.. што е еден од најдобрите закони во Европа. Колку и во моментов да не е добар за компаниите, во смисла дека навистина треба да се подобрува, сепак, го имаме. Во други држави го нема, така да, супер сме засега.

Тоа беше во 2016-та година, учествувавме како советници, дел од работна група на тогашните измени, а сега сме повторно дел од работна група со новата влада за измените, односно декриминализација воопшто на таа тема. Не е тоа така едноставно, седни и смени закон.. Туку тоа бара големо зборување, размислување, brain storming.. зошто ова треба вака, зошто она така.. Има стварно многу луѓе што сакаат да помогнат, но од друга страна цел живот некој им ја полнел главата дека канабисот е дрога и тука е најголемата борба со аргументи и докази, нормално. Тешко се прифаќа и дека пушењето џоинт е медицинско внесување на канабис. Постојат многу предрасуди, но се движат работите на подобро,, иако сè уште не е баш како што ние сакаме.

Од друга страна, имаме многу голем проблем со бизнис секторот, бидејќи сите си ги „кријат нозете“. Сите гледаат пари во оваа индустија, сите сакаат да вложат пари во ова. Наеднаш целото внимание е насочено на канабисот, а сите ги заборавија луѓето кои се главната причина поради која тргна целата оваа декриминализација, а тоа се ПАЦИЕНТИТЕ. (Не мислев на нас, членовите од здружението.) На тие што се на онкологија, на децата што имаат епилепсија итн. Во аптеките имаме дали еден или два продукти што исполнуваат некакви стандарди за лечење, а веќе две години го имаме законот. Првата година не знаеа многу за законот, но сега веќе е крајно време да се појават продукти што навистина би помогнале.

Еве, еден јавен апел до сите компании кои треба или веќе се занимаваат со тоа и со тие разредени екстракти, тоа е срамота! Компаниите пак ќе си ги добијат парите и доколку ги продаваат вистинските екстракти, односно екстрактите кои навистина помагаат.

Со измените на тој закон пробуваме да дадеме поголема слобода на граѓаните. Видовме дека борбата со црниот пазар не фунционира, само е пораст на црниот пазар.

И, уште еден апел!

Сакаме секој дома да сади за свои потреби. Со тоа најлесно ќе се ослободиме од црниот пазар кој ни доаѓа од Албанија и од разни криминални групи, со тоа што секој дома што сади, ќе си се регистрира во најблиската полициска станица, колку посадил итн. и тука се отвараат и нови работни места за инспектори што ќе одат и ќе ги проверуваат тие што садат дома. Тој што сади дома ќе го користи за свои потреби, а доколку го фатат како го продава, ќе одговара исто како некој што продава ракија која сам си ја прави дома. Оној кој ќе сади за свои потреби, не треба да се смета за криминалец, да не се става на исто ниво со некој кој извршил убиство, силувал или крадел, како што во моментов тоа се случува.

Не само што се бориме да се промени законот, туку се бориме да се смени и самото мислење кај луѓето, да се види канабисот во вистинското светло. Многу е потешко да го промениш законот, кога луѓето се полни со предрасуди. Колку и тие да се добри и да имаат добри намери, предрасудите и стравот си го прават своето.

Се бориме, се трудиме, и се надеваме дека како што поминува времето сè побрзо ќе се случуваат работите, затоа што тоа оди пропорционално.

Ти, како најпознат активист за легализација и вклучување на канабисот во стандардната фармакопеја, која би била препорачана и користена од медицинските лица во лекувањето на пациентите - често посетуваш разни обуки и семинари насекаде низ светот. Таму се здобиваш со разни сертификати за завршени обуки, кои зборуваат за твојата стручност. Може ли да ни кажеш нешто за нив?

Да, имам многу дипломи и сертификати, но морам да ви објаснам една работа. Реално, на сите тие обуки и семинари не научив ништо ново што претходно не го знаевме тука.

Канабисот е коров и реално е примитивна и проста билка. Проста во смисла дека не е некоја сложена материја, многу лесно се разбира. Нешто со што можам да се пофалам е искуството, а не тие сертификати. Не сакам да ја намалам вредноста на сертификатите, ниту организациите кои ги даваат тие сертификати, баш напротив, ги почитувам и без нив канабисот не би бил на тоа место на кое што е сега, на светско ниво. Искуство, сертификати и знаење немам само јас, туку сите членови на Зелена алтернатива, па дури и нашите други членови на Фејсбук страната, која веќе брои 20.000. Многу ми е драго кога гледам како членови на групата советуваат други членови, и тоа не било како, туку многу стручно.


Дали имаш нешто што сакаш да им порачаш на нашите читатели за канабисот, за крај?

Имам многу работи да им порачам, но еве - најбитното.

Прво, канабисот не е дрога! Не исполнува ниедна дефиниција за дрога или наркотик. Не е психотропен, туку психоактивен, тоа се две различни работи.

Ги молам експертите и стручните лица да не манипулираат и да не го лажат народот со тоа!

И, сакам да направам една мала споредба која неколку пати сум ја кажал, но еве ќе ја повторам - Од било кое овошје, ама еве да речеме од грозје, можеш да направиш вино или ракија - што спаѓа во дрога, ама свежо овошје или грозје, можеш да го јадеш - дури е и здраво. Канабисот исто така во својата свежа форма е храна. Најлековитата храна што човек може да ја конзумира, во вид на салата, станува психоактивна со човечка манипулација, односно со загревање и со активирање на молекулите, ама така се зголемува и лековитоста. Канабисот е на ниво на грозјето, или како секое друго овошје, па натака треба да се движи и законот.

Автор: Цеце Николова



Спонзорирани линкови

Маркетинг