Јужнокорејската компанија Самсунг планира да претстави бежичен полнач кој ќе може истовремено да полни два уреди – паметен телефон и паметен часовник.
Фотографијата од пакувањето на новиот бежичен полнач на Самсунг наречен “Wireless Charger Duo” се појави на интернет во пресрет на традиционалната конференција за медиуми на јужнокорејската компанија “Unpacked” која што ќе се одржи во “Barclays Center” во Њујорк на 9-ти август.
Пакувањето открива дека полначот може да полни два “Qi” компатибилни паметни телефони или еден паметен телефон и еден паметен часовник. Двата уреди истовремено ќе можат да се полнат преку брзото полнење.
Новиот Galaxy Note 9 наводно ќе има батерија со капацитет од 4000 mAh, па Самсунг регистрираше нов полнач кој ќе биде помоќен и ќе може за пократко време да ги наполни батериите на новите уреди на компанијата.
Овие информации за “Wireless Charger Duo” на Самсунг доаѓаат во периодот кога американски Apple интензивно работи на својот “AirPower” полнач кој што е најавен уште од септември минатата година.
Овој полнач ќе може истовремено да наполни три уреди – iPhone, Apple Watch и AirPods слушалките, а во октомври “Bloomberg” објави дека Apple сепак се соочува со проблеми во развојот, затоа што најкомплицирано било избегнувањето на прегревање.
“Wireless Charger Duo” на Самсунг ќе поддржува полнење на два уреди, а треба да се напомене дека Icon X слушалките не поддржуваат бежично полнење.