Кина отвори истрага за продажбата на челик од Европската унија и Јужна Кореја во оваа земја, а сето тоа би можело да ги искомплицира настојувањата на Пекинг да ја обезбеди поддршката на Брисел и Сеул во царинската војна со американскиот претседател Доналд Трамп.
Од министерството за трговија на Кина, соопштија денес дека ќе истражат дали некои производи од нерѓосувачки челик од Европската унија, Јужна Кореја, Јапонија и Индонезија се продаваат недозволено по ниски цени и дали сето тоа треба да биде опфатено од новите мерки.
Кина засега неуспешно се обидува да ја добие поддршката од останатите моќни земји во судирот кој што Пекинг го има со Вашингтон, откако Доналд Трамп нареди зголемување на царините за увезување на стока од Кина.
Трамп го нареди тоа тврдејќи дека Пекинг им нанесува голема штета на американските компании со крадење или вршење на притисок токму на нив да им биде предадена технологијата.
Лидерите на Европската унија ја критикуваа таквата одлука на Доналд Трамп, но исто така многумина се согласуваат со Вашингон во врска со критиките на сметка на кинеските трговски бариери и индустриската политика на Пекинг.
Неодамна Трамп воведе царини на милијарди долари вредниот увоз на челик од Кина, Европската Унија, Канада и другите земји, а исто така се закани дека ќе превземе мерки против Светската трговска организација која што ја обвини дека го искористува САД во светската трговија.
Сепак, светот најмногу стравува од уште поголемо заострување на трговската војна помеѓу Вашингтон и Пекинг, откако САД и Кина воведоа повисоки царини за увоз на стоки во вредност од 34 милијарди долари од двете страни, а Трамп се закани и со продлабочување и воведување на нови царини на кинеската стока.
Од Пекинг најавија реципрочни мерки со воведување на исти царини против Соединетите Американски Држави, иако признаваат дека таквите одлуки на Трамп нема да донесат ништо ново и целиот свет ќе се побуни ако САД продолжат да воведуваат царини.
Исто така, вреди да се спомене дека Американската економска комора го осуди Доналд Трамп поради заострувањето на глобалните трговски спорови. Од комората која што е „сојузник“ на Републиканците сметаат дека ќе има одмазда на погодените трговски партнери на САД и тоа како бумеранг ќе се сврти и ќе ја погоди американската економија.