Кој ќе биде амнестиран со можните измени на Кривичниот законик?

Макфакс

20/07/2018

16:19

3.673

Големина на фонт

а а а

ВМРО-ДПМНЕ не преговара за амнестија, туку бара подобри законски решенија, вака опозициската партија реагира на објавите дека се обидуваат да издејствуваат индиректна амнестија за екс-функционерите на ВМРО-ДПМНЕ.

- Апсолутно е неточно дека ВМРО-ДПМНЕ бара и преговара некаква амнестија. ВМРО-ДПМНЕ единствено за што се залага е подобрување на законските решенија и применување на европските пракси, како и обезбедување на механизми за заштита на изразената волја на граѓаните, пишува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Неофицијално, опозициската партија побарала измени на Кривичниот законик со кои ќе се редефинира кривичното дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, како и намалување на висината на предвидените санкции, со што би се скратил и рокот во кој застаруваат делата извршени по тој основ. Овие прашања се регулирани во членот 353 од кривичниот законик, врз кој се засновани најголем дел од обвиненијата на СЈО против екс функционерите на ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ не прецизираа дали на преговарачаката маса заедно со барањата за измени на законот за финансирање на партиите и за техничка Влада, доставиле и предлог измени на Кривичниот законик.

По завршувањето на лидерската средба вчера премиерот Зоран Заев потенцира дека нема да има компромис за амнестија ниту директна, ниту индиректна. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, на прашање дали амнестијата е услов за нив, тој рече дека не се разговара на таа тема и дека Заев се обидел да ја изманипулира јавноста.



Спонзорирани линкови

Маркетинг