Либиските власти го отфрлија планот на Европската унија за воспоставување на центар за мигранти на територијата на оваа земја.
Како што порача либискиот премиер Фајез Ел Сараж, Либија нема да го прифати планот на Европската унија за мигрантските центри и неговата држава нема да биде заведена од финансиските инјекции од Западот.
Италијанските власти минатиот месец предложија центрите за прифаќање и идентификување на мигрантите да бидат отворени во Африка со цел да се решат поделбите помеѓу европските држави поради приливот на повеќе од еден милион мигранти од Африка и Блискиот исток од 2015-та година.
Либија е главна точка на мигрантите кои што од оваа држава се обидуваат да го поминат Средоземното море и да стигнат до Европа, најчесто во гумени чамци кои што ги добиваат од криумчарите.
„Апсолутно се противиме на официјалната желба на Европа ние да ги сместиме нелегалните мигранти кои што Европската унија не сака да ги прими“, изјави либискиот премиер Фајес Ел Сараж, пренесува германски „Билд“.
Тој ги отфрлил обвинувањата дека либиската крајбрежна стража отворила оган на хуманитарните работници кои што се обидуваат да ги спасат мигрантите на Средоземното море.
„Ние секој ден спасуваме стотици луѓе во близина на брегот на Либија. Нашите бродови се константно во движење“, изјави Сараж, додавајќи дека Либија е оставена самата да ги спасува мигрантите во Средоземното море.
Либискиот премиер нагласи дека на неговата земја ѝ е потребна поголема техничка и финансиска поддршка за поуспешно справување со проблемот.
Според податоците на агенцијата за миграција при Обединетите нации, 51,782 мигранти успеале да стигнат до европското копно до 18-ти јули, а од почетокот на годината, во водите на Средоземното море загинале 1,490 луѓе.