Путин: Одредени сили сакаат да ја поткопаат успешната средба со Трамп, но подобрувањето на односите веќе е започнато

Точка

20/07/2018

13:19

1.814

Големина на фонт

а а а

Рускиот претседател Владимир Путин порача дека одредени сили во Соединетите Американски Држави сакаат да ја поткопаат успешната средба која што ја имал со неговиот американски колега Доналд Трамп.

Претседателот на Русија во текот на денешниот ден се огласи и порача дека одредени сили во САД настојуваат да го поткопаат успехот на самитот кој што тој и неговиот американски колега Доналд Трамп го одржаа во финскиот главен град Хелсинки во понеделникот.

Сепак, и покрај големиот притисок, рускиот претседател Владимир Путин тврди дека подобрувањето на односите помеѓу САД и Русија веќе има започнато.

За време на вчерашниот говор пред руските дипломати во Москва, Владимир Путин истакна дека самитот во Хелсинки каде што имаше средба со Доналд Трамп бил успешен.


„Средбата беше успешна и доведе до постигнување на корисни договори. Секако, треба да видиме сега како ситуацијата ќе се одвива“, изјави рускиот претседател без притоа да открие какви договори биле постигнати на неговата средба со Доналд Трамп.

Да потсетиме, американскиот претседател Доналд Трамп се најде на мета на жестоки критики во САД после состанокот со Владимир Путин во Хелсинки, затоа што Трамп бил „премногу благ“ кон Путин.

На прес-конференцијата во финскиот главен град, Доналд Трамп предизвика бура на реакции во САД откако изјави дека Русија најверојатно се нема мешано во американските претседателски избори пред две години, а дека Путин сето тоа „енергично го негирал“.


Набрзо после ваквата изјава, се огласија бројни американски сенатори и конгресмени кои што на Трамп му порачаа дека таквата изјава е срамна, посебно поради тоа што со таквиот став го негира извештајот на американските разузнавачки служби и американското правосудство кои што утврдија дека Русите се вмешале во изборите.

После огромниот број на критики на сметка на Трамп, американскиот претседател се огласи и порача дека го прифаќа извештајот на разузнавачките служби дека Русија се вмешала во претседателските избори во САД и порача дека Владимир Путин, како претседател на Русија, најверојатно знаел и стоел зад сето тоа.



Спонзорирани линкови

Маркетинг