Полицијата во Берлин заплени 77 станови и куќи во сопственост на еден од најголемите арапски криминални кланови во германскиот главен град чија што вредност се проценува на 9,3 милиони евра.
Како што пренесува германски „Дојче Веле“, на тамошните власти според новите закони им е дозволено да одземаат имот стекнат на незаконски начин. Како што пренесуваат германските медиуми, станува збор за арапски клан чии што членови се претежно Либанци, познат по иницијалот „Р“.
Државниот обвинител Јорг Раупах изјави дека под истрага се 16 членови на тој клан, под сомнение дека переле пари, но не откри повеќе податоци за криминалците, освен тоа дека засега берлинската полиција не успеала да уапси ниту еден од членовите.
Berliner Sicherheitsbehörden haben 77 Immobilien im Wert von rund zehn Millionen Euro einer arabischen Großfamilie beschlagnahmt. https://t.co/ids7Z7bUBZ
— Junge Freiheit (@Junge_Freiheit) July 19, 2018
Одземањето на имотот следувало после големата финансиска истрага, а берлинската полиција открила бројни недвижнини кои што припаѓале на кланот, меѓу кои станови, куќи, апартмани и градини.
Истрагата траела четири години, а започнала после грабежот на една банка во 2014-та година кога биле украдени 9,16 милиони евра. За организацијата на тој грабеж осуден е еден од најистакнатите членови на кланот, но парите никогаш не биле пронајдени.
Сепак, во текот на истрагата било утврдено дека браќата на обвинетиот купувале имот на периферијата од градот, иако некои од нив живееле од социјална помош.
Членови на кланот „Р“ исто така се осомничени за некои спектакуларни кражби во Берлин извршени минатата година, кога четири членови на возраст од 18 до 20 години беа уапсени поради сомнение дека украле огромен, 100 килограми тежок канадски златник вреден 3,7 милиони долари од музеј.
Исто како и парите, ниту златниците не биле пронајдени, а членовите на кланот биле ослободени поради недостаток на докази.