Приказната која светот чекаше да ја слушне! 12-те деца од пештерата на Тајланд: Ние сме сега семејство

Точка

18/07/2018

16:45

3.202

Големина на фонт

а а а

Дванаесетте тајландски деца и нивниот фудбалски тренер, кои минатата недела биле спасени од поплавената пештера, денес прв пат се појавуваат во јавноста, на прес-конференција во Чијанг Раи.

Групата излегла од болница и на прес-конференцијата одговарала на прашања за искушенијата во кои се нашле во пештерата во која биле заробени 17 дена. 

Децата откриле со што сакаат да се занимаваат кога ќе пораснат, а повеќето од нив навеле дека сакаат да бидат фудбалери.

Децата во текот на конференцијата изнеле фотографија од нуркачот кој загинал за време на спасувачката акција.

"Ти благодариме што дојде да не спасиш! Те почитуваме и жал ни е! Почивај во мир!", порачале децата.

"Станавме како семејство", рекло едно од децата.

"Разговаравме за тоа како да најдеме излез. Мислевме дека постои уште еден излез од другата страна на пештерата", рекол тренерот.

"Бевме уморни и гладни, само сакавме да јадеме", рекол најмладиот во групата со насмевка на лицето.

Тренерот открил дека спиеле на песок и камења, дека немале храна, туку само вода која капела од карпите и дека ги учел да се молат.

Тој рекол дека верувале дека спасувачи ќе дојдат по нив.

Едно од децата открило дека првите зборови на спасувачите кои ги пронашле биле: "Ова е чудо". Тој додал и дека го прашале: "Колку сте тука? 13? Одлично".

Друг додал: "Колкумина од вас се гладни".

Сите членови на младиот фудбалски тим се претставиле, а прв меѓу нив бил тренерот, Екапол Чантавонг, кој бил дочекан од громогласен апалауз.

Еден од спасувачите кој ги пронашол децата открил дека кога биле пронајдени прашале кога ќе излезат надвор и изразиле желба да јадат.

Пред почетокот на конференцијата децата играле фудбал на импровизиран терен, а на нив им се приклучиле и соучениците.

После тоа ќе се вратат во своите домови, кај своите семејства, велат службениците.

"Причината за одржувањето на оваа конференција за новинари е тоа дека медиумите може да им поставуваат прашања, а после тоа можат да се вратат да го живеат својот нормален живот, без медиумите кои ќе ги вознемируваат", рекол портпаролот на шефот на Владата на Тајланд.

Тој додал дека тоа ќе биде нивното "единствено официјално интервју", велејќи дека "повеќе нема да има разговори со новинари после ова".

Тие ги замолиле медиумите и јавноста да ја почитуваат приватноста на децата откако биле спасени, бидејќи, како што навеле, медиумското внимание би можело да се одрази на менталната состојба на децата.

"Не знаеме каква рана носат тие деца во своите срца", рекол денес службеник од тајландското Министерство за правда.

Некои тајландски телевизиски личности се пошегувале дека децата ќе помогнат во кревањето на рејтинзите на телевизиските емисии.

"Ова е приказна која сите Тајланѓани сакаат да ја слушнат. Не го исклучувајте телевизорот, не го намалувајте тонот", се пошегувал водителот на телевизијата "Voice", кој често ја критикува владата на таа земја.

Прашањата кои новинарите ги поставиле ги прегледале психијатри, за да се осигури дека нема да ги вознемират децата.




Спонзорирани линкови

Маркетинг