Јас сум едноставно Нина: мирна, тивка, сталожена, а во следниот момент оган

Точка

17/07/2018

17:00

5.818

Големина на фонт

а а а

Кротка, пристапна и со несекојдневна ведрина и шарм, тв водителката Николина Славковска не само што е особено почитувана меѓу пријателите и познаниците, потполно ја освои и пошироката публика. Со благата и широка насмевка и професионалноста таа станува се поомилено лице од тв екраните. Плени и нејзината длабока интелигенција и свесност, и интересните и автентични размисли за животот и светот... Според нејзините зборови ова и е најискреното интервју што го дала...

Веќе неколку години сте тв водителка, како дел од повеќе проекти... Најновиот ангажман е поврзан со 1тв. Ваш домен таму е шоу бизнисот и музичката сцена... Во неофицијалниот разговор споменавте дека Вие созревавте и растевте со таа сцена, што значи дека она што сега го работите, го уживате потполно?

Секако, верувам дека понекогаш треба да останеме мирни и сталожени со некои работи што ни се случуваат, затоа што се е онака како што треба биде. Ангажманот со 1ТВ се појави во вистински момент од мојот живот, каде веќе беше изградена основата, што значи длабоко во себе чувствував подготвеност за следно ниво. Упорноста и работата на себе ме одведоа на ова прекрасно патување, за кое особено се рдувам што трае. 

Како би го опишале овој ангажман сега во споредба со претходните на кои работевте? Каде е тука задоволството?

Дефинитивно чувствувам предизвик и го обожувам тоа. Не сакам стагнација, се обидувам на секој можен начин да ја избегнам, а ангажманот со 1ТВ е токму спротивното. Сериозен предизвик кој верувам ќе ме направи подобра од онаа што бев вчера. Среќна сум што продолжувам да учам работи за себе и за луѓето околу мене. 

Телевизијата е медиум кој освен добар говор бара и убав изглед, па треба да сте секогаш средени и со стил, да поседувате соодветна комуникација со камерата (публиката), убаво расположение... Што уште?

Телевизијата ви бара фокус. Ментален и психички. Не го оспорувам фактот дека една жена, особено јавна личност треба да изгледа убаво, напротив, потполно го поддржувам, затоа што не само што го претставувате вашиот карактер преку секое ваше јавно појавување, туку и самата телевизија. Вие сте лицето на тој медиум и секако, последователно на тоа, си бара многу работа на себе. Вашиот ум треба да е на место. Тоа значи, да знаете што зборувате, да е содржајно и најважно од се, да ве разбере публиката што сакате да кажете, односно, за да видите добар и комплетен производ на екраните како гледач, телевизиското лице мора да има мир и тишина во својот живот. Радиото може да одглуми, телевизијата не. 

Како Ви минува секојдневието кога сте со професионални ангажмани?

Навистина работно. Меѓутоа, морам да кажам дека ми е многу драго што во 1ТВ постои еден бран на позитивна енергија, што и самата екипа прави многу полесно да ги завршиш обврските, кои патем некогаш ти се чинат многу тешки во одредени моменти. Чувствувам дека некако заедно ги надминуваме и тоа ме прави среќна. 

Кој настан, личност што сте го проследиле, интервјуирале ќе Ви остане долго во сеќавање и зошто?

Па добро, на ова поле се уште ништо не е сменето. Како што кажав и во претходни мои интервјуа, Ник Вујичиќ беше едно несекојдневно и прекрасно доживување за мене и благодарам на прашањево, повторно ме потсетувте на чувството со него... Сите ми се драги со кои сум соработувала, меѓутоа Ник Вујичиќ е незаменлив. 

Каква сте карактерно, надвор од студиото? Како ете би се опишале себе си?

Не сум многу поразлична откако ќе се исклучат рефлекторите и камерите. Јас сум едноставно Нина. Мирна, тивка, сталожена, а веќе во наредниот момент оган. Малкумина ми ја знаат душата и знаат дека ми е уметничка жар. Обожувам мир, тишина, патувања, ноќ, ѕвезди, тивка музика, поглед од високо, зајдисонце, убави луѓе, пријатна енергија, смеа и танц. Се е многу едноставно.  


Кои нешта во животот Ви се приоритети и најважни?

Моите среќа и мир. Зошто? Зашто најпрвин, се зависи од мене. Ако јас не дознаам која сум, не го правам тоа што го сакам, како ќе можам здраво и при свест да им исцртам насмевки на другите? Морам да сум среќа, за да дадам среќа. Морам да сум убава и чиста енергија, за сите од неа да се напијат. Морам да сум љубов, за да дадам љубов. Прво да си помогнеш себе си, за да бидеш способен и на други да помагаш. Се е до нас. Од тоа зависи што понатаму, како ќе се развивам како личност, колку ќе можам да ги заштитам блиските, да причинам среќа во нечиј живот, да се изреализирам себеси, да ја сфатам крајната поента на нашево постоење итн. Не е работа на себичност. Јас сум јадрото. Од мене почнува се. 

Што би сакале да постигнете професионално и приватно? За што сонувате?

Мечтаам, фантазирам, сакам да дознаам што повеќе за убавините на другите држави, но животот ме научи магијата да ја сочувам за себе. Се што треба да биде, ќе слушнете во иднина. 

Дали имате партнер кој Ве поддржува во сите овие професионални и интимни походи?

Можеби го има, а не знам. Новинари сте. Дознајте.

Дали сте вљубена?

Секогаш, но тоа не е одговорот кој сакате да го слушнете. Вљубена сум во животот и можноста да го видам светот во боја. Но, на тема љубов некако уште не знам која боја да ја земам. Внимателно одбирам и тешко се заљубувам. Потребна ми е уникатност, душевен мир, важна е енергијата која ја поседува таа личност, пред да стане мој партнер. Се почитувам себеси и не би сакала целиот труд кој сум го вложила на мене да заврши неславно поради личност која не знае што сака. Едноставно одам на се или ништо. 

Што барате кај мажите, кои квалитети? Со што може да Ве освојат?

Најпрвин, не барам. Не се бара или наметнува нешто кај некого. Или го има, или го нема. Би требало тие самите да ги препознаат општите квалитети и да ги применат на себе. Навистина е ретко да видиш маж, да ги преземе работите во свои раце, да не се жали, свесно и одговорно да постапува, особено да не зборуваме како треба да се однесува спрема една жена или дама.  

Верувам дека како особено убава и заводлива жена имате и многу додворувачи... Како се справувате со сето тоа? :)

Ти благодарам на комплиментот, иако не сум потполно свесна за истото. Ги има, нема да лажам, но морам да признаам дека не придавам големо значение, затоа што ова тело не го одбрав јас. Најверојатно не се доживувам така, во огледало не се гледам исто како вие мене, па појдено од таму некогаш посакувам да можеа да ми ѕирнат во душата. Таму лежи целиот универзум. 

Се појавивте и во видео записот на македонскиот пејач Тајзи... Тоа беше предизвик плус за Вас? Како си поминавте?

Па искрена да бидам, тоа беше едно од најдобрите искуства што ми се случиле, чисто затоа што бев комплетно своја. Тоа се гледа и на камера. Во оваа пригода, би сакала и јавно да му заблагодарам на Тајзи што препозна нешто различно кај мене и ме пушти да „летнам“. Ја обожавам музиката и танцот, но и уметниците со неа. Едноставно се соживувам. 

Каква музика слушате? Какви филмови гледате?

Слушам музика која ти ја смирува душата, на пример со Yiruma. Меѓутоа, и танцувам, па појдено од таму сакам латино, р`н`б... Што се однесува до филмовите, тука тешко стојам. Можеби се на се имам гледано 10-15 филмови. Знам само дека не сакам хорор хаха. 

Каде растевте и какво детство имавте?

Јас сум од Скопје, тука имам израснато. Детството го патеметам по детската емисија „Сител Бамбини“, таму всушност, започна љубовта помеѓу мене и музиката. Танцував, пеев, имам детска песничка и така... Разиграно и весело, немав многу време за играње низ маало. Бев посветена на тоа што во моментот ме правело среќна. Дете... 

Посакувам луѓето да се добри едни кон други и да си помагаат. Само да гушнеш еден човек денеска и ништо не е исто. Потребна ни е огромна доза љубов на сите.


Кои случки, ситуации во животот досега Ве научија многу нешта?

Па видете... Секако дека имало ситуации кои ме довеле вака да размислувам. Животот прерано ме пушти во оган уште кога бев мала. Сите сме поминувале низ нешто во животот и секојдневно се бориме со истото. Нешто поминува, а друго останува како лузна. Едно нешто што ме научи животот е да си верувам себеси и никогаш да не ја сменам личноста која што сум за на некој да се допаднам. Посакувам луѓето да се добри едни кон други и да си помагаат. Само да гушнеш еден човек денеска и ништо не е исто. Потребна ни е огромна доза љубов на сите. 

Како би го опишале Вашиот начин на облекување? Што најмногу имате во плакарот?

Мојот стил е кежуал. Знам да бидам елегантна, но и спортски облечена. Некако второво, особено со делот патики ме одмора. 

Кога не сте на работа, каде најчесто сте? Во кое кафуле го пиете утринското, попладневно кафе?

Навистина не пијам многу кафиња, но ете со работата и тоа се случи. Дефинитивно не седам по кафулиња, не сум тој тип. Цело време сум во движење и место каде што би можеле да ме сретнете е негде на прошетка низ природата.

  

Едно нешто што ме научи животот е да си верувам себеси и никогаш да не ја сменам личноста која што сум за на некој да се допаднам.

Во огледало не се гледам исто како вие мене, па појдено од таму некогаш посакувам да можеа да ми ѕирнат во душата. Таму лежи целиот универзум.


Пишува: Гордана Настевска Манасијеска
Фото: Марко Маркоски
Локација: Хотел „Арка“, Стара Чаршија, Скопје 
Шминка: Сим Салтирова




Спонзорирани линкови

Маркетинг