Кој бил Нелсон Мандела, најпознатиот политички затвореник на светот

Точка

17/07/2018

14:47

4.885

Големина на фонт

а а а

Нелсон Мандела, икона на борбата против апартхејдот и лидер на сејужноафриканското помирување, е најславен политички затвореник на светот кој во затвор минал речиси 3 децении и потоа како прв црн претседател на Јужноафриканската Република им простил на своите претходници и им подал рака на соработка, е роден пред 100 години, на 18. јули 1918. година.

Лидерот на борбата на црното население против расистичкиот бел режим, Мандела, поради своите активности минал 27 години зад решетки, од 1963. до 1990. година, и прераснал во симбол на борбата против угнетувањето на црнечкиот народ. Целиот свет за неговото ослободување организирал митинзи и концерти, а Јужноафриканската Република трпела политичка и економска изолација поради неговото заробеништво. 

Пред да биде ослободен, Мандела сакал да го разбере својот противник и го научил неговиот јазик африкаанс и неговата поезија, но научил и дека треба да им прости и со нив да соработува. Поради тоа во 1994. година Нобеловата награда за мир ја поделил со седмиот и последен претседател на ЈАР од времето на апартхејдот, Фредрик Де Клерк.

Светска икона на помирувањето

Надбускупот Десмонд Туту, друга истаканата личност во борбата против апартхејдот и исто така нобеловец, го нарекол Мандела "светска икона на помирувањето".

По долги години во затвор, Мандела како главен политичар во земјата постапувал без одмаздољубивост, избегнал граѓанска војна и без поголеми судири ја вовел својата земја во транзиција и изградил релативно стабилна повеќерасна демократија.

Црното население го обожувало и околу него изградило култ на личност, што тој никогаш не го сакал. Мандела постапувајќи без горчина поради своите затворски трауми ги придобил и белците. Целата нација го нарекувала "Мадиба" од милина, името на неговиот клан.

Кога се повлекол од јавноста станал некој вид на митски јунак, но секој ден продолжил да им се смее на своите сонародници од јужнафриканските банкноти.

Ролихлахла Мандела бил роден во покраината Транскеи во Јужна Африка на 18. јули 1918. година, а името Нелсон му го додал еден од неговите учители. Таткото на Мандела бил советник на кралското семејство Тембу.

По студиите на универзитетите Форт Харе и Витватерсранд, Мандела во 1942. година станал правник и почнал да соработува со Африканскиот Национален Конгрес, повеќерасно националистичко движење кое тежнеело кон политички промени во Јужна Африка.

Судење за предавство

Кога во 1948. година на власт дошла Националната партија , почнала да спроведува политика на апартхејд, принудна сегрегација на основа на расата, на што "АНЦ" одговорил со кампања на пасивен отпор.

Мандела во 1952. година станал еден од потпретседателите на движењето, а како владата ја заострувала дискриминацијата, во доцните 50-ти години со пријателот Оливер Тамбо и другите почнал да го радикализира движењето.

Прв пат на Мандела му се судело за предавство во 1956. година. Судењето траело 5 години и завршила со ослободителна пресуда.

Во 1963. година бил осуден на доживотен затвор поради планирање на насилно рушење на владата

Во март 1960. година полицијата во Шарпевил убила 69 црни демонстранти против апартхејдот. Владата прогласила вонредна состојба и го забранила АНЦ, по што движењето се откажало од ненасилство, а Мандела помогнал да се воспостави воено крило на АНЦ - "Umkhonto we Sizwe" или "Копје на нацијата", на кое Мандела станал главен заповедник.

По враќањето од африканската турнеја на која собрал потпора за својата борба, Мандела бил фатен и осуден на пет години затвор. Со другите лидери на АНЦ бил осуден во 1963. година за планирање на насилно рушење на владата, а една година подоцна бил осуден на доживотен затвор.

Казна служел во затворот на островот Робен кај Кејп Таун и потоа во затворот Полсмор.

Нобелова награда за мир

Во затворските години станал меѓународен симбол на отпорот на апартхејдот. Под притисок од странство јужнафриканската влада го ослободила Мандела 1990. година и дозволила работа на АНЦ. Мандела во 1991. година станал лидер на движењето, а наскоро и угледен светски државник.

Нобеловата награда за мир ја добил во 1993. година, заедно со Фредрик В. Де Клерк, тогаш уште претседател на Јужна Африка, која следната година ги одржала првите повеќерасни избори на кои Мандела бил избран за претседател.

Великан на историјата кој никогаш нема да биде достигнат

Од челото на АНЦ, Мандела се повлекол во 1997. а во 1999. година му истекол мандатот на претседател на државата. Од јавниот живот се повлекол во 2004. година, но продолжил со хуманитарната работа и се до последниот ден бил лице кое било обожувано од своите сонародници. Умрел на 5. декември 2013. година.



Спонзорирани линкови

Маркетинг