Историски минимум: Додека сите ја фалат руската организација на Светското првенство, популарноста на Путин на големо опаѓа...

Точка

17/07/2018

14:06

4.141

Големина на фонт

а а а

Откако Франција во неделата ја освои втората шампионска титула на Светските првенства, на церемонијата на доделувањето на медалите камерите беа вперени во Владимир Путин кој беше во друштво на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино.

Путин има причини да биде среќен – сите се согласуваат дека Русија успешно го организираше Светското првенство во фудбал, а илјадници странски навивачи ја напуштија земјата со одличен впечаток за Русија. Сепак, истовремено се случува една необична работа, а тоа е дека популарноста на Путин меѓу Русите – опаѓа.

Неодамнешното истражување на руската државна агенција покажало дека довербата во рускиот претседател опаднала од 77% на 63% од изборите одржани во мај, а се смета дека најголемата причина за тоа е контроверзното подигнување на старосната граница за пензија – нешто што Путин и руската влада го објавија на првиот ден од Светското првенство, со цел да го одвлечат вниманието на рускиот народ.


Со оглед на тоа што е на власт две децении, на Путин и Русија често се гледа како на два исти концепти – тоа што е добро за едниот, добро е и за другиот. Овој пат се чини дека тоа не е случај.

„Една од задачите на турнирот беше дополнително да се поврзат концептите „Путин“ и „Русија“, но тие наместо тоа започнаа да се движат во спротивни правци“, вели рускиот политиколог Андреј Колесников.

Путин присуствуваше на отворањето на првенството, но ја пропушти неверојатната победа на Русија против Шпанија во Москва, како и поразот во четвртфиналето од Хрватска во Сочи. Наместо Путин, на овие натпревари присуствуваше непопуларниот премиер кој што е склон на гафови – Димитри Медведев.


Инаку, старосната граница за пензија во Русија ќе се подигне од 55 на 63 години за жени и од 60 на 65 години за мажи. Економистите велат дека важно е да се подигнат границите кои што се воспоставени во ерата на Јосиф Сталин, но сепак, ваквиот потег е многу непопуларен меѓу граѓаните на Русија.

На почетокот на јули беа одржани низа на протести во руските градови, а беа организирани од необично широки коалиции на политички сили, вклучувајќи ги и опозициските партии кои што обично му се лојални на Путин. Организаторите сепак не одржаа протести во градовите каде што се играа натпреварите од Светското првенство, веројатно затоа што не им било дозволено.

Сепак, иако Путин и натаму е високо на скалата на популарноста, рускиот претседател бележи најнизок рејтинг од март 2014-та година откако Русија го анектираше украински Крим и бранот на патриотизам ја зајакна неговата позиција.


Според друго истражување кое што беше објавено од независниот центар „Левада“, на прашањето дали работите во земјата одат во вистинска насока, само 46% од анкетираните Руси се согласиле со тоа, а тоа се исто така најниски бројки од времето на анексијата на Крим од Украина.

„Сега нема други опции како што беше со Крим, дури ниту кога би го узурпирале и Северниот пол“, изјави рускиот политиколог Колесников.



Спонзорирани линкови

Маркетинг