Путин за американска телевизија: Русија го менувала мислењето на милиони Американци на изборите? Премногу смешно!

Точка

17/07/2018

10:51

4.322

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Русија, Владимир Путин, вели дека е "премногу смешно" тоа што некои луѓе мислат дека Русија можела да влијае на мислењето на милиони Американци во текот на изборите во 2016. година.

"Мешање во внатрешните работи на САД - дали навистина мислите дека некој може да влијае на САД и изборот на милиони американци од руска територија. Тоа е премногу смешно", рекол претседателот на Русија во интервју за "Fox News". 

Путин демантирал дека има компромитичарки информации за американскиот претседател Доналд Трамп, додавајќи дека Русија нема ресурси "да го следи" Трамп и доколку сака. Тој својата поента ја илустрирал велејќи дека Економскиот форум во Санкт Петерсбург привлекува повеќе од 500 деловни лидери, а повеќето од нив се поголеми бизнисмени од Трамп.

"Дали вие навистина мислите дека нашите специјални служби организираат шпионирање на секој од нив? За разлика од Вас (САД) ние не го правиме тоа тука. Немаме доволно ресурси. Немаме доволно луѓе да организираме тотална состојба на контрола. Тоа не е нашиот дел од планот и јасно е дека не сме направиле ништо слично по прашањето за господинот Трамп", рекол претседателот на Русија на констатацијата на новинарот дека демократката Ненси Пелсои тврдела дека слабоста на Трамп пред Путин значи дека Русите имаат некакви компромитирачки "лични, финансиски или политички" информации за американскиот претседател.

"Не сакам да го навредам претседателот Трамп кога го велам ова - можеби звучи и непристојно - но пред да каже дека ќе се кандидира за претседател, тој не не интересираше", рекол Путин за "Fox News".

Рускиот претседател нагласил дека Русија реагирала на приемот на Украина или Русија во НАТО како на закана.

"Кога станува збор за нас, тоа би било директна закана по нашата национална безбедност...поместување на инфраструктурите на НАТО кон нашите граници би била закана и реакцијата би била екстремно негативна", рекол тој.

Запрашан дали го гризе совеста поради невините жртви во Сирија, Путин рекол дека војната е најлошата работа која може да му се случи на човештвото и дека жртвите се неизбежни, но дека секогаш ќе постои прашањето кој е виновен.

"Мислам дека тоа се терористички групи кои се виновни за дестабилизацијата на ситуацијата во Сирија", рекол Путин, порачувајќи му на новинарот на "Fox News" дека е тотално заведен и дека му е жал што не ја гледа вистинската слика во Сирија.

Претседателот на Русија рекол дека не се согласува со американскиот претседател по прашањето за Крим и објаснил дека не станува збор за "анектирање" туку за "припојување" кон Русија.

"Народот на Крим излезе на референдум и гласаше за припојување кон Русија. Ако е ова анектирање, тогаш што е демократија?", се запрашал Путин и рекол дека слична работа му кажал и на американскиот претседател.

Путин рекол дека тврдењата дека Русија имала удел во труењето на поранешниот шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија се без основа.

"Неодамна дознавме дека уште две лица биле отруени со нервен агенс со име "Новичок". Јас никогаш не сум слушнал за презимињата на овие луѓе. Кои се тие? Какво шишенце е во прашање? Која е хемиската формула? Или можеби постојат други причини за нивната смрт? Можеби станува збор за внатрешни причини во Обединетото Кралство, но никој не сака да го истражи проблемот. Моментално, гледаме само обвиненија без основа", рекол Путин додавајќи дека би сакал да види доказ или документ за труењето или за мешање на изборните процеси во САД.



Спонзорирани линкови

Маркетинг