Роналдо: Ќе бидам среќната ѕвезда на Јувентус

Макфакс

16/07/2018

19:30

3.761

Големина на фонт

а а а

Кристијано Роналдо попладнево го стави својот потпис на договорот со Јувентус по што следуваше официјалната промоција, куса прес-конференција и запознавањето со новите соиграчи.

Португалецот одговори на многу прашања, меѓу кои и на она најважното зошто се решил за Јувентус како место каде што ќе ја продолжи кариерата.

„Не е лесно да се одговори на тоа прашање, Јувентус е еден од најголемите светски клубови. Добро размислив. Пријателите и колегите ми кажаа дека тоа е клуб во кој можам да играм и поради тоа потпишав за Јувентус. Тоа е голем клуб, најголем во Италија. На крајот одлуката и не беше толку тешка“, рекол Роналдо и продолжил.

„Повеќе размислувам за сегашноста. Го сакам фудбалот и сакам нови предизвици. Ова не е само кариера, туку и исполнување на соништата. Играв за Спортинг, Манчестер јунајтед, Реал и сега за Јувентус. Не можев да посакам ништо подобро. Ова е нов предизвик за мене бидејќи фудбалерите на моја возраст одат во Кина или во САД, а јас го избрав Јувентус. Можам да ја продолжам кариерата на високо ниво и тоа е најважното во овој момент. Во Реал минав девет прекрасни години, но дојде време да направам нов чекор во кариерата. Ќе се обидам да се докажам и тука, ќе покажам дека сум врвен фудбалер. Амбициозен сум и сакам нови предизвици“.

Главна цел на Јувентус со Кристијано Роналдо ќе биде да ја освои титулата во Лигата на шампионите.

„Знам дека трофејот во Лигата на шампионите е најпосакуван во секој клуб. Сигурен сум дека ќе се бориме за тој трофеј. Таа титула не се освојува лесно, но се надевам дека ќе помогнам во остварувањето на таа цел. Се надевам дека ќе бидам среќната ѕвезда на Јувентус“, рекол Роналдо.

Португалецот во Јувентус стигна за сума од 112 милиони евра, а со „старата дама“ потпишал договор на четири сезони.



Спонзорирани линкови

Маркетинг