Ова е херојот кој го дал животот за спас на децата од пештерата

Точка

10/07/2018

20:03

7.402

Големина на фонт

а а а

Веселбата поради среќниот резултат од спасувањето на 12-те деца и нивниот тренер од поплавената пештера на Тајланд ќе биде помешана со доза на тага, но и благодарност и почит кон херојот кој го дал својот живот за оваа мисија.

Саман Кунан, поранешен припадник на тајландските морнарички специјалци, елитниот одред "Seal" каков што има американската морнарица, не бил повеќе на служба, но загинал на задача. Кога децата и нивниот фудбалски тренер биле пронајдени живи во поплавената пештера на Тајланд, тој им се приклучил на своите поранешни колеги во мисијата за спасување како волонтер. 

Поставувал канистри со кислород по рутата за извлекување, а самиот останал без кислород

38-годишниот Саман го изгубил животот на враќањето од точката на која децата и тренерот се сокриле од водата кон базната станица која спасувачите ја поставиле во близина на пештерата.

Како и другите спасувачи во таа фаза од акцијата, носел храна за заробените деца и тренерот и поставувал канистри со кислород на рутата по која децата требало да бидат извлечени, низ често екстремно тесни, слабо видливи и до врв поплавени премини низ кои може да се мине само со нуркање. Вкупната должина на рутата од влезот во пештерата до точката на која биле пронајдени децата изнесува дури 4 километри, а поголем дел од неа е под вода.

На враќањето назад, веројатно поради лоша проценка или поради непредвидено задржување, останал без кислород и ја загубил свеста. Наскоро го пронашол неговиот партнер и се обидел да го оживее, но без успех. Се се случило во два часот наутро во петокот.

"Иако изгубивме еден човек, и натаму имаме верба да продолжиме со нашата работа", рекол тогаш командантот на одредот "Seal", Апакорн Јооконгкаев. Нема да дозволиме неговата жртва да биде залудна. Ќе продолжиме напред, додал тој одлучно.

Ветил дека ќе ги врати децата дома

"Дури и кога ја напушти единицата "Seal, останал во контакт и одржувал врски со поранешните колеги. Секогаш учествуваше во активностите на "Seal" до последниот ден. Саман не напушти додека работеше како нуркач и во време кога сите нуркачи ги здружија силите за да ја исполнат мисијата. Неговиот напор и одлучност секогаш ќе останат во срцата на сите нуркачи", напишала оваа единица во својата изјава по повод загубата на поранешниот член.

Оваа тажна вест станала уште потажна кога во медиумите се појавила снимка во која Куман ветува дека тој и неговите колеги ќе ги вратат децата дома. Тој, за жал, не успеал, но неговите колеги денес сепак го исполниле неговото ветување.

Саман бил припадник на "Фоките" до 2006. година, кога отишол да работи на аеродромот Суварнабуми во Бангкок како спасувач.

На Саман почит му оддала и неговата екипа за авантуристичко трчање, со што се занимавал професионално од 2012. година. Четири пати победил во трката "Bangkok Challenge" и уште четири пати во "River Kwai Trophy Adventure" трката.

Страстен тркач, триатлонец, велосипедист

Пред тоа се натпреварувал во триатлон, а исто така, се до смртта, се занимавал и со планински велосипедизам. "Никогаш нема да го заборавиме твојот ентузијазам, моќта, страста и љубезноста", напишале "North Face Adventure Team".

Неговиот тимски колега Стоун Тсанг Сиу кеунг рекол дека Саман е вистински херој и дека не може да верува дека веста за неговата смрт е вистинита.

"Многу сум горд што бев негов тимски колега и што го познавав. Во тоа сеќавање тој е многу среќен човек и секогаш со насмевка на лицето. Никогаш нема да ја заборавам неговата голема страст кон животот и спортот и неговата љубезност", рекол Тсанг.

Неговото тело било однесено во родниот град Рои Ет, каде имал погреб под покровителство на тајландскиот крал.




Спонзорирани линкови

Маркетинг