СДСМ: Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ немаат доблест да го поздрават успехот кој го постигнаа граѓаните на Македонија

Макфакс

27/06/2018

17:05

632

Големина на фонт

а а а

Европската унија го препозна, го поздрави и го награди напредокот во изминатата година, велат од владејачката СДСМ како реакција на денешната прес-конференција на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Од СДСМ додаваат дека во заклучокот од Советот на ЕУ јасно е наведено дека Советот се согласува позитивно да одговори на наведениот напредок на Македонија и го поставува патот кон отворање на пристапните преговори во јуни 2019 година.

„Јасно е се. Одлуката е донесена – вратите за Македонија за членство во ЕУ се отворени, земјава започнува преговори за полноправно членство во 2019 година. Македонија сега е препознаена како земја на позитивни промени, на динамичен процес на реформи и општествен дијалог. Држава која со силна, добронамерна политичка волја ги решава споровите со соседите и земја на граѓани кои имаат јасно изразена визија за европска иднина“, се наведува во партиското соопштение.

Од партијата на власт додаваат дека за само една година Македонија успеала да направи квантен скок, а Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ немаат доблест да го поздрават напредокот и успехот на Македонија којшто е постигнат заеднички со граѓаните.

„Тоа е нивен избор. Но, треба да се присетат на уште еден дел од заклучоците на Советот на министри на ЕУ којшто зборува за судските реформи и проактивните истраги, обвиненијата и конечните пресуди во случаите на корупција и организиран криминал, вклучително и на високо ниво“, наведуваат од СДСМ и потенцираат дека правдата во Македонија треба да расчисти и со наследството на 11 годишното криминално владеење на ВМРО-ДПМНЕ како и со функцијата на Ѓорге Иванов, човекот што се обидел да ги амнестира и се уште ја кочи иднината на земјава.



Спонзорирани линкови

Маркетинг