Доминација на Ердоган или рушење на султанот: Турција утре на нозе! Прв пат истовремено вонредни претседателски и парламентарни извори

Точка

23/06/2018

17:22

4.596

Големина на фонт

а а а

Во Турција утре прв пат истовремено ќе бидат одржани вонредни претседателски и парламентарни избори, откако на 16. јули минатата година народот на референдум се изјаснил за воведување на претседателски систем на водење на државата.

Тоа ќе бидат први избори одржани во вонредна состојба, воведена во таа земја по обидот за државен удар во јули 2016. година. 

Фаворит за претседател е актуелниот шеф на турската држава Реџеп Тајип Ердоган, кој безмалку 16 години победува на сите избори во кои учествувал.

Познавачите на приликите тврдат дека политичкиот јаз во Турција денес е поголем од било кога, а ако Ердоган победи на претседателските избори, се верува дека тоа ќе биде врв на неговата политичка кариера.

Доколку, меѓутоа, во недела Ердоган не победи на изборите за претседател во првиот круг и биде принуден на втор круг, тоа би можело да остави голема дамка во неговата успешна кариера, сметаат аналитичарите.

Во долгата политичка кариера Ердоган претрпел огромна трансформација, од 2004. година, кога белгискиот "European" го прогласил за "Европеец на годината", тој се претворил во целосна спротивност, а неговите критичари и пред се опозицијата предупредуваат на неговата авторитарност.

Авторитарноста и правењето јаз кон Европската унија, го критикуваат се повеќе европски службеници, кои Ердоган го обвинуваат дека намерно ги кочи договорите за пристап, додека самиот Ердоган тврди дека Турција веќе пет децении чека пред вратите на ЕУ и дека турскиот народ е уморен од бескрајните преговори за членство.

Оние кои внимателно ја следат неговата предизборна кампања, тврдат дека никогаш не била поагресивна, како и дека никогаш како сега Ердоган на своите настапи не направил повеќе грешки, додека некои експерти дури и се сомневаат во неговата победа.

Предизборните истражувања покажале дека Ердоган ќе добие меѓу 45 и 55 проценти од поддршката на турските граѓани, но реалноста е сепак поразлична, бидејќи, според многу мислења во Турција владее стравопочит, па при тајно изјаснување Ердоган би можел да добие 10 проценти помала поддршка.

Таа помала поддршка би можела да дојде и од таму што проблемите во Турција почнале да се собираат.

Во последните 15 години просечниот годишен приход во Турција се зголемил од 3.500 на 10.000 долари, а земјата доживеала градежен бум.

Денешната турска економија, меѓутоа, се соочува со растечки потешкотии, посебно по неуспешниот обид за државен удар и вонредната состојба, турската лира паднала за повеќе од 30 проценти, странски инвестиции речиси да нема, а довербата на другите земји во турската економија опаднала.

Покрај тоа, моментално Турција е на четвртото место на земјите со највисоки каматни стапки - по Аргентина, Венецуела и Иран.

Аналитичарите тврдат дека прв пат Ердоган не постигнал нови успеси, односно повеќе не е ни во состојба да управува со економијата на земјата. Проблемите се јавуваат и во здравството и во образованието.

Според конечната листа на кандидати за предвремените претседателски избори, во трката ќе се најдат шест кандидати: Догу Перинчек, Мерал Аксенар, Мухарем Инце, Ердоган, Селахтаин Демиртас и Темел Карамолаоглу.

Кој и да победи, новиот претседател на Турција ќе има широки овластувања, кои ќе му припаднат според претседателскиот систем на управување на државата, во кој повеќе нема да има премиерска позиција.

Кандидатот на најголемата опозициска Народна републиканска партија е Инце, а не лидерот на таа партија Кемал Килицдароглу, кој е најгласен политички опонент на Ердоган.

Лидерот на опозициската Саадет, Карамолаоглу, ги собрал потребните 100.000 потписи од граѓаните за кандидатура.

Опозициската Народна демократската партија го кандидирала лидерот Демиртас, кој, со уште 12 парламентарни застапници на таа партија, од крајот на 2016. година се наоѓа во притвор поради обвинение за поврзаност со Работничката партија на Курдистан.

И опозициската партија Ватан ги собрала потребните потписи на граѓаните и за претседателските избори го кандидирала нејзиниот лидер Паринчек.

Во склад со законските промени, турскиот парламент во иднина ќе има 600 наместо 550 пратеници.

Претседателот на државата и парламентот се бираат на мандат од по пет години.

За победа на претседателските избори кандидатот мора да освои натпросечно мнозинство на гласови, а во случај ниеден кандидат да не го оствари тоа, за 15 дена ќе биде одржан втор изборен круг, во кој би оделе двајца кандидати со најголем број на освоени гласови во првиот круг.




Спонзорирани линкови

Маркетинг